Судејќи според најавата, најмалку една третина од возниот парк во Турција треба да биде чисто електричен
Со цел да се обезбеди соодветна инфраструктура како поддршка, во плановите е оспособување на 251 илјади приклучоци низ целата земја, во следните девет години
„Продажбата на електрични возила драматично се зголеми на глобално ниво во последните години. Во блиска иднина ќе има уште повеќе електрични возила во нашите животи. Според нашите предвидувања, ќе има повеќе од два милиони на турските патишта до 2030 година“, вели министерот за индустрија и технологија, Мустафа Варанк.
Значителен дел од електричниот возен парк во оваа земја несомнено ќе се состои од домашни возила од брендот Togg. Компанијата во моментов работи на развој на првиот електричен автомобил во Турција, и тоа е уште една причина за забрзана изградба на придружната инфраструктура, додава министерот.
Тамошните власти се обидуваат да создадат нов домашен бренд во областа на електромобилноста до 2025 година. Покрај беспилотните летала, и автономните возила ќе се најдат во јавниот превоз како превозно средство, со цел да се забрза испораката на стоки кон Европа, како најважен извозен пазар за поранешната Отоманска империја. Плановите за развој на електрични пловни објекти се исто така актуелни, односно тие се во фаза на изработка.
Според податоците дадени од Турската иницијативна автомобилска група (Turkish Automobile Initiative Group – TOGG), првиот турски автомобил со батерии ќе се гради во Турција. Потпишан е договор, поточно Меморандум за разбирање со светскиот гигант во областа на производство на батерии, компанијата Farasis, со цел да се формира заедничко вложување во самата Турција. Таа компанија би била надлежна за решавање на прашањето за сместувачките капацитети за енергија, односно за батерии.
„Развивме сеопфатен план кој вклучува временска рамка за поставување на инфраструктурата за полнење на батериите, што е клучен момент за целесообразноста на електромобилноста, особено за TOGG“, рече министерот.
Турција ја отвори првата фабрика за производство на литиум во декември минатата година и се наоѓа во провинцијата Ескишехир. Овој акт ќе ја елиминира потребата од увоз на литиум вреден 20 милиони американски долари на годишно ниво, додава споменатиот министер.
Извор: Додај Гас