Лекарите и научниците од Индија предупредуваат на смртоносната опасност во обидите за производство на медицински кислород дома, откако на социјалните мрежи започнаа да кружат разни видеа и совети за тоа.
Податоците од „Гугл трендс“ покажуваат дека пребарувањата со фразата „како да се направи кислород дома“ достигнале врв на 25 април, кога се влоши кризата со Ковид-19 во земјата, додека видеа на „Јутјуб“ со детали за ваквите процеси досега собрале и по стотици илјади прегледи, пренесува „Ројтерс“.
„Постои научно докажана метода за производство на медицински кислород со помош на концентратори. Било кој друг начин да се обидете да го направите овој гас дома вклучува многу ризици, како што е можноста од токсични испарувања или експлозии“, предупредува А. Равикумар, секретар на индиската Медицинска асоцијација во сојузната држава Тамил Наду.
Тарун Батнагар, научник од ICMR-Националниот институт за епидемиологија во градот Ченај, рече дека обидите за „домашен“ кислород се базираат на недокажани методи и истакна дека ваквиот пристап може да биде штетен бидејќи може да доведе до одложувања во барањето на соодветна здравствена заштита.
Индиската влада вчера објави јавно соопштение во кое ги отфрли како погрешни наводите што кружат на социјалните мрежи и рекламираат хомеопатски лек за кој се тврди дека може веднаш да го балансира нивото на кислород кај пациенти со Ковид-19.
Поврзани артикли