Полски научници во четвртокот објавија дека ја откриле првата бремена египетска мумија во светот додека скенирале остатоци стари 2.000 години, чувани во Националниот музеј во Варшава.

„Сопругот Станислав, египетски археолог, и јас погледнавме рендгенски зраци и забележавме нешто што е позната глетка за родители на три деца во стомакот – мало стапало!“ изјави Марзена Озарек-Шилке, антрополог и археолог на Универзитетот во Варшава.

Понатамошната анализа го покажала целиот фетус. Научниците кои работат на Проектот за мумија во Варшава веруваат дека жената била на возраст меѓу 20 и 30 години и била бремена од 26 до 30 недела.

„Не знаеме зошто фетусот не бил изваден од починатата за време на мумификацијата“, рече Војчех Ејсмонд од Полската академија на науките, учесник во проектот.

„Затоа оваа мумија е навистина уникатна. Не можевме да најдеме ниту еден сличен случај. Ова значи дека „нашата“ мумија е единствената во светот за која е откриено дека е со фетус“, рече тој.

Озарек-Шилке претпоставува дека можеби се работело за обид за „камуфлирање на бременоста“ или дека имало некое значење поврзано со верувања и преродба во друг свет“.

Врз основа на анализата на хиероглифите на саркофагот, за мумијата за првпат се сметаше дека е свештеник кој живеел помеѓу првиот век пред нашата ера и првиот век од нашата ера.

Научниците сега веруваат дека може да биде постара и ги испитуваат можните причини за смртта.

Мумијата не беше отворена, но едно скенирање покажа дека жената има долга виткана коса до рамената.

Истражувањето е објавено во најновиот број на Journal of Archaeological Science.

„Ова е првиот познат случај на балсамирано тело на бремена жена … Отвора нови можности за истражување на бременоста во античко време и практики поврзани со мајчинството“, се вели во написот.

Мумијата била донесена во Полска во 19 век и станала дел од збирката антиквитети на Универзитетот во Варшава. Во Националниот музеј се чува од 1917 година.