Јужнокорејската компанија Samsung го презеде тронот од Apple и се врати како најголем светски производител на паметни телефони, со удел од една петина од вкупната глобална продажба во првиот квартал од 2021 година, соопшти компанијата за истражување на пазарот, Canalys.
Кинеската компанија Xiaomi оствари најдобри квартални перформанси досега, со раст од 62 проценти на испорачани 49 милиони смартфони и удел на пазарот од 14 проценти, избивајќи на третата позиција зад Samsung и Apple.
Глобалната продажба на паметни телефони во првите три месеци порасна за 27 проценти, на вкупно 347 милиони примероци, бидејќи отворањето на кинеската економија по пандемијата и забрзувањето на вакцинацијата во САД ги зголеми надежите за економско закрепнување.
Samsung испорача 76,5 милиони смартфони во периодот јануари-март и се стекна со 22 проценти удел на пазарот, се вели во извештајот на Canalys.
Јужнокорејскиот технолошки гигант денеска соопшти и дека остварил квартален раст на профитот од 66 проценти во секторот за мобилни телефони, благодарение на силната продажба на водечката Galaxy S21 серија.
Според компанијата Canalys, Apple во првиот квартал испорача 52,4 милиони iPhone уреди, паѓајќи на второто место со 15 процентен удел на пазарот.