Спроведување на Accelerate2030 – најголемата светска програма за поддршка на претприемачи од земји во развој при развивање на решенија врзани со остварување на Целите за одржлив развој има за цел писмото за соработка што денеска УНДП како стратешки партнер го потпиша со Сеавус Акцелератор и Бизнис Импакт Лаб, кои се носители на оваа програма во земјава.

„Accelerate2030 има за цел да создаде заедница на претприемачи инспирирани од Целите за одржлив развој, големи компании, агенции за развој, влади, агенции на ОН и сите останати кои со помош на своите ресурси, експертиза и поврзаност би сакале да придонесат кон заедничка мисија на градење на поодржлива економија и општество“, се вели во денешното соопштение од УНДП.

Оттаму додаваат дека со обезбедување релевантни содржини и податоци, УНДП ќе покаже дека Целите за одржлив развој претставуваат и бизнис можности за локалните и регионалните претприемачи и стартап компании.

„Опсегот и амбицијата на Агендата за 2030 година се далеку над она што владите и меѓународните организации можат да го постигнат сами. Потребно е колективно дејствување од страна на сите клучни играчи во општеството со цел да унапреди вистинскиот одржлив развој кој ги врзува економскиот, социјалниот и еколошкиот напредок, без ниеден чинител да биде изоставен. Со Accelerate2030 целиме кон забрзување на напредокот кон исполнување на Целите за одржлив развој преку охрабрување на претприемачите кои преку своите достигнувања можат да придонесат со нови и иновативни решенија базирани на ништо помалку од чиста бизнис логика. Сакаме да го видиме претприемништвото како движечка сила во одржливот развој, наместо како изолиран екосистем со сопствени економски цели“, изјави Нарине Сахакиан, постојаната претставничка на УНДП.

Како локални партнери во спроведување на програмата Accelerate2030, Сеавус Акцелератор и Бизнис Импакт Лаб ќе придонесат со своите искуства, експертиза и познавања на најдобрите практики за развој на бизниси. Преку стимулирање и поттикнување на развој на нови бизниси, Сеавус Акецелератор и Бизнис Импакт Лаб ќе имаат цел да ги интегрираат Целите за одржлив развој и Агендата 2030 во бизнис и стартап секторот.

„Со Accelerate2030, Сеавус Акселератор ја збогатува својата досегашна програма насочена кон подддршка на иновативни и скалабилни бизниси, со тоа што овој пат акцентот, освен на технолошката компонента, ставен е и на сегментот одржлив развој. Со тоа, правиме можеби мал, пионерски, но верувам, значаен придонес кон мисијата на Обединитетите нации и нивната Агенда за 2030 и се приклучуваме на глобалниот предизвик – да го трансформираме светот, заедно, сега и од тука“, кажа Весна Ивановска, менаџер на програма и на односи со јавноста во Сеавус Акцелератор.

Бизнис Импакт Лаб, како што нагласи Кристијан Милески, менаџер во Бизнис Импакт Лаб, како прв акцелератор кој работи повеќе од пет години на подигање на капацитетите на социјалните претпријатија преку различни програми и индивидуална поддршка, своето искуство овој пат ќе го насочи кон имплементирање на Accelerate2030 за прв пат во нашата држава.

„Со ова Северна Македонија станува дел од глобалната програма која се имплементира во повеќе од 25 земји ширум светот, а нашите претприемачи ќе имаат можност да бидат дел од таа заедница. Целите за отджлив развој ќе бидат главен фокус на самата програма со што партнерството со УНДП е од клучно значење за истата“, вели Милевски.