Новите безжични слушалки на Huawei се одликуваат со привлечен и ергономски дизајн, кристално чист звук и активно намалување на бучавата (ANC) по атрактивна препорачана цена од 4.499 денари.
Текст и фото: НИКОЛА БУРАГЕВ
Пазарот на паметни телефони е придружен со широкa понуда на дополнителна опрема, а во последно време доминираат безжичните слушалки. Конкуренцијата е голема, а секој производител на мобилни уреди што држи до себе, се впушти во креирање на вакви уреди со различен опсег на цени. Huawei ни ги испрати на тест своите нови безжични слушалки FreeBuds 4i, кои доаѓаат како еден вид продолжение на FreeBuds 3i, а донесуваат подобрена ANC технологија, односно активно намалување на бучавата, како и значително подобар звук благодарение на 10 мм звучници. Новиот модел донесува и други новитети – изменет е дизајнот и продолжено е траењето на батеријата.
Дизајн и пакување
Во пакувањето се наоѓа кутијата, односно куќиштето во кое се полнат слушалките, USB полнач за кутијата, резервни силиконски продолжетоци за слушалките и упатство за користење. За разлика од претходниот модел, кутијата е во облик на камче со овален изглед и уште поудобно лежи во рака и во џеб. Според Huawei, дизајнот е инспириран од светски познатите плажи со црн песок на Исланд.
Кутијата има сјајна завршна обработка, а доаѓа во две класични бои со модерна нијанса – Ceramic White и Carbon Crystal Black. Куќиштето е опремено со USB-C порт за полнење, LED индикатор и копче за спарување. LED светлото со различни бои означува дали е вклученa Bluetooth конекцијата, дали се полни слушалките или батеријата е при крај.
Самите слушалки се опремени со релативно долг врат со силни магнети и микрофон на дното и силиконски чепови на врвот. Благодарение на нив безбедно остануваат во увото и прилично добро ја отстрануваат вревата од околината за одлично искуство на слушање на музика. Во пакувањето се добиваат три големини на силиконски чепови. Слушалките се исклучително лесни и удобни, секоја има по два микрофони, пин конектори за полнење и сензори за контрола на музика, односно ANC. Поседуваат и IP54 сертификат за отпорност на вода до 1 метар, што значи дека иако не се водоотпорни во целост, без проблеми ќе издржат потење или послаб дожд.
Квалитет на звук
Huawei Freebuds 4i имаат полимерни мембрани и 10-милиметарски динамични драјвери, кои одлично работат заедно и донесуваат кристално чист звук, за кој Huawei наведува дека се прилагодени на поп музиката. Генерално, искуството на слушање е повеќе од солидно. Со балансирани високи и ниски фреквенции во поп песните, како и рок музиката, звукот е фино врамнотежен. Музиката генерално звучи доста продорно и вокалите се добро дефинирани. Звукот од телефонските повици е чист и јасен, а микрофоните работат извонредно, пренесувајќи го гласот дури и низ заштитната маска.
За квалитетот на звукот при слушањето музика, но и телефонските повици се задолжени 10 мм звучници (динамички драјвери), по два микрофона и ANC. Активното отстранување на вревата нуди три опции: вклучено, исклучено и „режим на свесност“ (Awareness Mode). Овој режим им овозможува на корисниците да слушнат што се случува околу нив без да ги извадат слушалките. Сè што треба да се направи е да се притисне и задржи слушалката, што автоматски се префрла помеѓу свесност и активнонамалување на вревата (Awareness/ANC).
Доколку бучавата од околината не е толку изразена, ANC не мора да се користи, бидејќи силиконските чипови прилично добро ја запираат вревата. На пазарот нема TWS слушалки со ANC во овој ценовен ранг, а Huawei направи одлична работа со имплементација на оваа функција во Freebuds 4i.
Функции и поврзување
Freebuds 4i слушалките може да се поврзат со било кој уред преку Bluetooth конекција, но за да се добијат сите дополнителни функции, потребна е апликацијата Huawei AI Life, која е достапна на сите Android и iOS уреди, како и во AppGallery. Кога ќе се поврзат слушалките преку апликацијата, корисникот ќе може да ги прилагоди според свој избор. На пример, да се прилагоди функцијата на допир, да се вклучат и исклучат одредени функции, да се контролира нивото на пропуштање на вревата и слично.
Слушалките имаат вградени капацитативни сензори, што им овозможува одлична контрола базирана на допир. Корисниците можат лесно да контролираат музика, говорни повици и режими за намалување на бучавата и свесност само со интуитивни гестови. Кога се поврзани, јасно се прикажуваат информациите за батеријата на самите слушалки и кутијата за полнење.
Со двоен допир се паузира и покренува музиката, со еднократен допир се примаат и прекинуваат телефонските повици, а со подолг допир се вклучува и исклучува амбиенталната време. Едноставно и интуитивно.
Добра вест и за гејмерите – Freebuds 4i имаат ниска латенција, односно аудиото и видеото секогаш се синхронизирани, како при слушањето музика, така и при играњето игри.
Батерија и полнење
Траењето на батеријата е клучен фактор при изборот на безжични слушалки. FreeBuds 4i имаат голема батерија со висока густина на енергија, сместена во компактна форма. Овој модел се карактеризира и со водечка технологија за брзо полнење. Во пракса, ова значи дека за само 10 минути полнење се добиваат околу четири часа музика.
Секоја од слушалките има батерија од 55mAh, додека кутијата има капацитет од 215mAh. Huawei тврди дека слушалките прилагодени на 50 проценти гласност и исклучено активно намалување на вревата имаат 10 часа непречено слушање музика, додека со вклучен ANC, времетраењето се намалува на околу седум и пол часа. Доколку кутијата и слушалките се целосно наполнети, може да се постигне 22 часаслушање музика, односно 14 часа разговор. Иако траењето на батеријата не е на ниво на најдобрите слушалки на пазарот, ова е сосема добар резултат за овој ценовен ранг.
Што се однесува до самото полнење, со Freebuds 4i слушалките се добива и многу кратко време на напојување од околу 30 минути. На целосно празните слушалки и кутијата им треба нешто помалку од еден час за сосема да се наполнат. Единствено што недостасува е безжичното полнење, но некаде мораше да се направи компромис за да се добие многу атрактивната цена.
Заклучок
Huawei Freebuds 4i безжичните слушалки слободно можеме да ги сместиме меѓу најимпресивните ANC слушалки во својот ценовен ранг. Компанијата направи одлична работа, поправајќи се што не беше во ред со Freebuds 3i, а истовремено задржувајќи ја прифатливата цена. Со овој модел се добива подобар дизајн на слушалките и самото куќиште, активно намалување на надворешната бучава и поедноставна навигација. Тука е и десет часовната непрекината репродукција на музика со брзо полнење и многу доброто звучно искуство.
FreeBuds 4i се продаваат на македонскиот пазар преку продажната мрежа на Македонски Телеком, Нептун, Сетек, Техномаркет и Анхоч, по препорачана цена од 4499 денари.
За повеќе информации, посетете ја официјалната веб-страница на Huawei.
Предности
- Атрактивен и удобен дизајн
- Квалитетен звук
- Многу добро активно поништување на бучавата (ANC)
- Одлична автономија на батеријата
- Брзо жично полнење
- IPX4 отпорност на вода
- Компатибилни со Android и iOS уредите
- Достапна цена
Huawei FreeBuds 4i спецификации
- Димензии на слушалките: 37.5 x 21 x 23.9 мм (по слушалка)
- Димензии на кутијата: 61.8 x 48 x 27.5 мм
- Тежина на слушалките: 5.5 грама (по слушалка)
- Тежина на кутијата: 36.6 грама
- Поврзливост: Bluetooth 5.2
- Драјвер за звук: 10 mm Dynamic
- Распон на фреквенции: 20 Hz – 20 kHz
- Капацитет на батерија: 55 mAh (по слушалка)
- Капацитет на батерија на кутијата: 215 mAh
- Репродукција: 10 часа со едно полнење, 22 часа со кутијата за полнење
- Останато: Активно поништување на бучавата (ANC), Контрола со допир, автоматско препознавање на движењата, IPX4 заштита од прскање
Поврзани артикли