Австралискиот сојузен суд утврди дека Google ги довел во заблуда корисниците со информациите за употреба на личните податоци собрани преку Android уредите, објави регулаторот за заштита на пазарната конкуренција.

Судот заклучил дека Google погрешно тврдел дека може да собира само информации од историјата на локациите во периодот меѓу јануари 2017 до декември 2018 година, соопшти регулаторното тело ACCC.

Собирањето, складирањето и користењето на податоците било овозможено и преку опција за контрола на активностите на интернет и во апликациите кога таа е вклучена, а на уредите била вклучена автоматски, според ACCC.

Корисниците не биле известени дека исклучувањето на историјата на локациите, додека е овозможена опцијата Web & App Activity, му овозможува на Google и натаму да продолжи да собира податоци, утврдил судот.

Регулаторот посочил дека ќе бара казна за Google, но не ја прецизирал сумата.

Портпаролката на Google изјавила дека размислуваат за правни лекови за пресудата, вклучително и жалба.

Технолошкиот гигант водеше правна битка во Австралија во последните месеци и во врска со владиниот закон според кој Google и Facebook треба да им плаќаат на медиумските компании за содржината објавена на нивните платформи.