Научниците сметаат дека денешните тропски дождовни шуми во регионот Амазон се создадени по огромниот удар на астероид за кој се смета дека е одговорен за крајот на ерата на диносаурусите.

Пред астероидот да го погоди полуостровот Јукатан во денешно Мексико, дождовните шуми на Јужна Америка се состоеле од значително различни растенија и не биле богати со разновидни цветни растенија како што е случај денес.

„Да се ​​вратиме ден пред паѓањето на метеоритот, шумите ќе имаа отворени крошни со многу папрати, многу четинари и диносауруси. Шумата што ја гледаме денес е производ на настан од пред 66 милиони години”, изјави палеоботаничарот Карлос Јарамило од институтот Smithsonian Tropical Research Institute.

Јарамило и неговите колеги анализирале десетици илјади примероци на фосилизиран полен и лисја пронајдени во северна Јужна Америка, кои датираат или од периодот на креда непосредно пред ударот на астероидот или веднаш по ударот, од ерата на палеоценот.

Откриле дека разновидноста на растенијата се намалила за 45 проценти поударот и дека биле потребни околу 6 милиони години за да се опорави. Остатоци од каснувања на инсекти на фосилизирани лисја покажаа дека по ударот на астероидот, дошло до намалување на разновидноста на инсектите, пишува New Scientist.

Дождовните шуми во Јужна Америка се промениле по таа катастрофа. Повеќето четинари и папрати исчезнале, а се појавиле цветни растенија наречени ангиосперми. Шумите набрзо биле покриени со густа крошна која дозволувала само мал дел од светлината да стигне до земјата.

Извор: Nezavisne.com