Бројот на мобилниот телефон на извршниот директор на Facebook, Марк Цукерберг, е меѓу украдените лични податоци на 533 милиони корисници на таа социјална мрежа што хакерите ги објавија на интернет.

Името, локацијата и брачниот статус на Цукерберг, датумот на раѓање и корисничката легитимација на Facebook се меѓу многуте украдени лични податоци објавени вчера на форум за хакери, потврди истражувачот за сајбер безбедност, Дејв Вокер.

Тој на шега вели: „Ако новинарите се обидуваат да добијат изјава од Facebook, можеби треба да пробаат на овој број“.

Според британскиот портал, објавени се и личните податоци на Крис Хјуз и Дастин Московиц, коосновачи на Facebook.

Daiky Mail пишува дека кога го контактирале Facebook во врска со протекувањето на податоците, компанијата им соопштила дека се работи за стари податоци, а не сакале да ги коментираат наводите за податоците на Цукерберг.

„Ова се стари податоци кои се веќе пријавени во 2019 година. Овој проблем го најдовме и го решивме во август 2019“, соопштија од Facebook.

Вчера беше објавено дека лични податоци и телефонски броеви на над 500 милиони корисници на Facebook биле јавно поставени на форум на интернет.

Според Bloomberg, станува збор за лични податоци на над 533 милиони корисници на Facebook од 106 земји.