На Марс владеат екстремни временски услови – температура од -90 Целзиусови степени, ниска гравитација и тенка атмосфера.
Малиот хеликоптер наречен Ingenuity кој пристигна на Црвената планета „спакуван“ во подвозјето на роверот Perseverance, би требало да полета на 11. април, соопштија од американската вселенска агенција NASA.
„Хеликоптерот се подготвува нешто што никогаш досега не било изведено – контролиран лет на друга планета“, објавија од NASA на социјалната мрежа Твитер.
Фотографиите кои ќе ги направи хеликоптерот, како и другите податоци ќе пристигнат на Земјата следниот ден, на 12. април. Малиот хеликоптер, тежок само 1,8 килограми веќе го испрати својот прв извештај до контролниот центар во Пасадена по слетувањето на роверот Perseverance.
Ingenuity би требало да полета од платформа со димензии 10 на 10 метри. Во текот на летот би требало да постигне висина од околу три метри, да остане на едно место 30-тина секунди, да се заврти и да се врати назад на тлото.
Хеликоптерот се напојува со литиумски батерии и би можел да изврши уште неколку летови во текот на еден месец, притоа пркосејќи им на екстремните временски услови на Марс.
Едно парче историја се наоѓа сместено во хеликоптерот – станува збор за дел од едно од крилата на авионот на браќата Врајт кој ја прелета Северна Каролина во декември 1903-та година. Тоа беше првиот контролиран лет на Земјата.
Извор: Jutarnji.hr