MSI ја претстави новата Summit E Flip серија бизнис лаптопи. Уредите ги карактеризираат Tiger Lake-U процесори и графички карти до Nvidia RTX 3050 моделот за лаптопи. Серијата ја сочинуваат тенки, конвертибилни лаптопи: E13 Flip Evo и E16 Flip.

MSI Summit E13 Flip Evo е компактен лаптоп, кој го краси 13-инчен IPS екран, со 16:10 однос на страните. Како што сугерира името, лаптопот е сертификуван за Intel Evo програмата и има подобрена компатибилност со Intel платформите. E16 Flip не е Evo сертификуван, но пристигнува со Nvidia GeForce RTX серијата графички карти од следната генерација, што веројатно значи дека користи RTX 3050.

Двата MSI лаптопи ќе имаат Intel Core i7 Tiger Lake-U процесор од 11. генерација и Intel Xe интегрирана видео карта. Покрај тоа, лаптопите поддржуваат Wi-Fi 6E конекција, USB-C 4.0 и Thunderbolt 4.

Summit E Flip лаптопите имаат алуминиумско куќиште, шарка од 360 степени за промена на положбата, а тука е и поддршката за MSI Pen за подобрено таблет искуство.

Со батерија која трае до 20 часа со едно полнење, лаптопите можат да обезбедат целосен работен ден без потреба од дополнување. Кога е потребно да се дополни батеријата, достапно е брзо полнење, кое за 15 минути обезбедува 2,5 часа работа.