Болестите на срцето се најголем причинител за смртност во светот, а едно од пет лица во развиените земји барем еднаш во животот се соочува со срцеви проблеми.
Поради тоа, француската компанија Carmat развила вештачко срце кое го менува овој орган кај луѓето кои чекаат трансплантација.
Важно е да се истакне дека кај лицата со најтешки срцеви болести, во повеќето случаи трансплантацијата е единствениот прифатлив третман. Меѓутоа, тој случај го отежнува фактот дека пациентите поминуваат години на листите, чекајќи трансплантација.
За да им олеснат, француската компанија развила потполно вештачко срце кое ќе го менува овој орган сè додека не се пронајде донор.
Вештачкото срце е со облик сличен на човечкото, тежи 4 килограми и функционира на 2 пакети батерии во времетраење од 4 часа, по што уредот преминува на главно напојување. Вградените сензори го одредуваат крвниот притисок, а како одговор алгоритмот го контролира протокот на крв во реално време.
„Функционира како вистинско срце, па ако пациентот се движи, протокот на крв се зголемува, а доколку мирува, тој е стабилен и низок“, вели Стефан Пјат, извршен директор на Carmat.
Деловите кои се во контакт со крвта на пациентот се изработени од материјал кој е компатибилен со човечкото тело, се со цел да се намали ризикот од несакани реакции. Пјат објаснил дека овој уред не е подложен на одржување откако хируршки ќе се вгради.
Досега 19 пациенти добиле вакво вештачко срце во пробни операции, а во декември компанијата добила CE ознака што ѝ овозможило продавање на производот и во Европската унија. Минатиот месец, „Carmat“ добила одобрение за отпочнување на студија за изводливост за да добие одобрување од американската Управа за храна и лекови.
Во Carmat се надеваат дека ќе започнат со продажба на своето вештачко срце во Германија до крајот на јуни. До крајот на годината, Пјат сака компанијата да произведе 20 вештачки органи кои ќе се продаваат по болниците по цена повисока од 160 илјади евра.
Иако е соодветен за повеќето мажи, моменталниот дизајн е преголем за голем број жени, објави CNN.
Поврзани артикли