Една нова студија откри интересна врска меѓу луѓето што примиле вакцина против грип во сезоната 2019/2020 во време кога пандемијата на коронавирус почна.

Тие што примиле вакцина против сезонски грип биле погодени во помала мера од пандемијата, односно ретко имале позитивен тест.

Но, дури и во случај лицето да било заразено од коронавирус, во просек таквите лица имале помалку компликации од Ковид-19 отколку луѓето што не примиле вакцина против грип.

Истражувањето е објавено во „Американскиот магазин за контрола на инфекциите“ и во него биле вклучени 27.201 лице тестирани на Ковид-19 до јули 2020 година.

Од оваа бројка, 1.218 лица биле позитивни, а кога примероците биле поделени на оние што примиле вакцина против грип и на оние што не ја примиле, забележана е јасна разлика, е наведено во истражувањето.

Пациентите што примиле вакцина против сезонски грип имале 24 % помал ризик да добијат коронавирус. Исто така, се покажало дека оние што примиле вакцина против грип, имаат помала веројатност за потреба од хоспитализација.

Во оваа фаза сè уште не е јасно дали причината за оваа врска е биолошка по природа, односно дали вакцината против грип на некој начин го подготвува имунолошкиот систем да се бори против други видови вируси или е тоа социјален фактор.

Можно е пациентите што примаат вакцина против грип да бидат и лица што практикуваат поголемо физичко растојание и го следат советот на лекарот.

Ова истражување покажува дека вакцината против грип доведува до подобри здравствени резултати кога станува збор за пандемии.