„Полека го спуштив дронот додека не видов како лавата еруптира, а кога погледнав горе, повеќе не можев да го видам својот дрон. Воглавно, бев во кратерот на вулканот“, коментирал авторот на фантастичното видео.
По ерупцијата на вулканот на Исланд, на интернет се проширија многубројни фасцинантни снимки од излевањето на лавата снимени од близина со беспилотно летало.
На социјалната мрежа Инстаграм се појави уште една спектакуларна снимка која што навистина го одзема здивот.
Додека многубројни дронови се приближуваа до кратерот, дронот со кој што управувал исландскиот фотограф Гардар Олафс, успеал да влезе во самиот кратер и тоа толку блиску што вжештената лава стопила некои негови делови.
„Управував со својот дрон во близина на ерупцијата и одлучив дека би било кул да видиме како изгледа тоа одгоре. Воглавно бев во кратерот на вулканот“, пренесува „Digital Trends“.
Кога Олафс сфатил дека можеби претерал и дека дронот е преблиску и дека може да го проголта лавата, го подигнал леталото и го вратил на местото на лансирањето.
Имено, топлината од вулканот стопила делови од леталото, односно светлата кои што се наоѓаат на дното од дронот, а ги оштетила и сензорите за избегнување на препреки.
Дронот и натаму може да лета, но повеќе не работи како што треба, па во текот на летот прикажува многу грешки.
Иако не станува збор за евтино летало, веруваме дека исландскиот фотограф сепак не жалел поради настанатата штета затоа што сепак успеал да направи фантастично видео и еден од најдобрите прикази на исландската ерупција на вулканот.
Инаку, Олафс живее на само 15-на минути од вулканот, па на својот профил на Инстаграм напишал дека Рејкјанес отсекогаш бил потценет дел од Исланд, но денеска можеби и негов најпознат дел:
„Интересно е како работите може да се сменат во текот на ноќта“, напишал на Инстаграм каде што неговото видео добило над 38 илјади лајкови.
Поврзани артикли