Русија ги заврши клиничките испитувања за полесната верзија на вакцината „Спутник V“ против коронавирус која се дава во една доза, рече денеска министерот за здравство Микаил Мурашко на државната телевизија. Подготвени се документите за нејзина регистрација.

Русија во јануари објави дека разгледува развој на полесна верзија на својата вакцина против корона вирусот за привремено да понуди решение и да им помогне на земјите со високи стапки на заразата.

Официјална Москва порача дека ќе продолжи со најголема употреба на „Спутник V“ која се дава во две дози. Според претседателот Владимир Путин, двете дози од вакцината досега ги примија 4,3 милиони Руси и најави дека ќе се вакцинира утре, но не кажа со која вакцина.

Руските научници кои ја произведоа „ЕпиВакКорона“, втора вакцина против Kовид-19 во земјата, објавија дека таа е ефикасна против новите мутации на коронавирусот. Тестирањата на производот зад кој стои Институтот „Вектор“ од Сибир, почнаа во ноември лани.