Џек Дорси, шефот и соосновач на Twitter, ја продаде својата прва објава, во облик на т.н. „незаменлив токен“ (НФТ), вчера, за нешто повеќе од 2,9 милиони американски долари.
НФТ е нов дигитален белег – сличен на криптовалутите, кој претставува уникатно дигитално средство, чија популарност експлодира оваа 2021 година. Секој НФТ, кој се заснова на блокчејн технологија, има свој дигитален потпис што служи за потврдување на автентичноста и сопственоста.
„Тукушто го поставувам мојот Twitter“, гласеше првата објава на Дорси, поставена на 21 март 2006 година.
Неговиот НФТ беше продаден на аукција на платформата „Валјуаблс“, што е во сопственост на американската компанија „Цент“. Купена е со помош на криптовалутата етер, која вредеше 2,9 милиони долари за време на продажбата, потврди Камерон Хејази, извршен директор и соосновач на „Цент“.
Твитот го купи Сина Естави – извршен директор на блокчејн-компанијата „Бриџ оракл“, со седиште во Малезија. Дорси, инаку љубител на виртуелната криптовалута биткоин, на 6 март објави линк за продажба на неговиот НФТ на Twitter, по што, три дена подоцна рече дека приходите од аукцијата ќе ги претвори во биткоин и ќе ги дарува за луѓето во Африка кои страдаат од коронавирусот.
Поврзани артикли