Европската комисија објави низа нови цели во полето на 5G комуникациите, како дел од своите планови во рамките на „Дигиталната декада“, по серијата одложувања во воведувањето на телекомуникациите од следната генерација во ЕУ, соопштија официјалните лица.
Целите на „Дигиталната Декада“ за 2030 година беа откриени од Европската комисија на 9 март, со цел да се намали зависноста на ЕУ од странските земји во обезбедување на клучните технологии.
Со оглед на доцнењето на ЕУ во воведувањето на 5G мрежи, телекомуникациските мрежи од следната генерација беа истакнати во плановите.
Питер Стакман, раководител на единицата во Европската комисија задолжен за идните системи за поврзување го најави ова уште кон крајот на февруари, за време на интернет настанот што го одржа Форум Европа. „5G сигурно ќе биде таму. Во принцип тоа би можело да се нарече „мини 5G акциски план“, истакна Стакман.
Според Стакман, само половина од земјите на ЕУ ги исполниле целите за доделување на бранови со понизок опсег за 5G спектарот, додека блокот „многу заостанува“ во доделувањето на опсегот на милиметарски бранови.
ЕУ заостанува и во изградбата на безжични базни станици со краток дострел, потребни за малите ќелиски 5G технологии, рече Стакман, споредувајќи ја состојбата во ЕУ со Јужна Кореја, каде што се изградени стотици илјади такви станици.
Дигитална декада: 5G вложување и усогласување на безбедноста
Како дел од целите на својата „Дигитална декада“, Стакман рече дека Комисијата ќе претстави нови инвестициски цели за 5G, со акцент на јавно-приватните иницијативи.
Ова е паралела со студијата на Европската инвестициска банка (EIB), која говори за брзи инвестиции во градењето на 5G капацитети во Европа.
Стакман истакна дека Комисијата ќе се обиде и да ги надмине мерките за зајакнување на безбедноста на мрежите на блокот, содржани во минатогодишниот 5G алатник, во кој земјите на ЕУ имаа задача да го проценат профилот на ризик на телекомуникациските оператори, со цел примена на ограничувања за провајдерите, за кои се смета дека се високоризични.
5G целите зацртани во плановите на „Дигиталната декада“ ќе бидат понатаму детално објаснети во ревизијата на 5G акцискиот план на извршната власт на ЕУ, кој исто така треба да биде презентиран подоцна оваа година.
Во 5G акцискиот план на ЕУ за 2016 година, државите се залагаа за голем број цели, вклучувајќи и лансирање на 5G услуги во сите земји-членки во најмалку еден голем град, до крајот на 2020 година.
Покрај тоа, временските рамки утврдени во Кодексот за електронски комуникации од 2018 година, законски ги обврзуваа државите-членки да обезбедат достапност на 5G радио спектарот пред крајот на 2020 година.
Двете цели беа пропуштени поради пандемијата на коронавирусот, загриженоста околу безбедноста на телекомуникациските мрежи од следната генерација и жестоката кампања за здравствените ризици од 5G.
Ревизијата на ЕУ е во тек
Одложувањата предизвикаа најава од ревизорите на ЕУ дека ќе почнат истрага за 5G стратегијата на Комисијата, почнувајќи од јануари оваа година.
Ревизорите велат дека нивното истражување веќе открило докази за дивергентен пристап до 5G безбедноста во земјите-членки, како и разлики во роковите за примена на технологијата низ целиот континент.
Говорејќи на почетокот на јануари, Паоло Пеше од Европскиот суд на ревизори, дел од тимот што ја спроведуваше 12-месечната ревизија, рече дека се уште не дошло до усогласување во блокот за ваквите безбедносни стандарди.
„Земјите-членки развија и почнаа да ги применуваат неопходните безбедносни мерки за ублажување на ризиците“, рече Пеше. „Но, според досега собраните информации, се чини дека државите-членки напредуваат со различно темпо додека ја спроведуваме оваа мерка“.
Поврзани артикли