Глобал Шејперс Скопје Хаб е активен дел од оваа светска иницијатива и организира пет отворени Давос Лаб отворени дијалози

Во текот на една година светска пандемија, младите од Глобал Шејперс Скопје Хаб покажаа дека и во непредвидливи времиња, со силна посветеност и проактивност може да ја обликуваат локалната заедница и да се носат рамо до рамо со младите од целиот свет.

Неодамна, на иницијатива на Проф. Др. Клаус Шваб, извршен претседавач на Светскиот економски форум и основач на Глобал Шејперс заедницата, започна првиот светски план за закрепнување воден од младите со наслов: „Ја градиме нашата иднина“. Како резултат од овој план ќе произлезе севкупен светски извештај изготвен од младите врз основа на разговорите во локалните отворени дијалози низ секоја од земјите каде што ќе се организира.

Оваа иницијатива произлезе од многубројните дискусии на светско ниво во втората половина од 2020 година во кои беа активно вклучени или пак беа директно водени од најактивните млади од целиот свет кои се дел од иницијативите на Светскиот економски форум. Од сите овие активности се дефинираа конечните 10 области на кои ќе биде ставен фокусот во светот со цел да има побрзо и поодржливо закрепнување од кризата што ја предизвика пандемијата.

Младите од Глобал Шејперс Скопје Хаб, водени од веќе многубројните спроведени активности во изминатава година, експертизата на членовите, како и воспоставената соработка со релевантните партнери во нашето општество, во овој период ќе организираат пет Давос Лаб Дијалози кои се отворени за сите млади до 35 години. Првиот дијалог е во среда, 17-ти март 2021 година од 18.00 до 19.30 часот на тема „Ментално здравје, ковид и како понатаму?“, а следниот е во понеделник, 22-ри март 2021 година во исто време на тема: Нова генерација на влијание и етика – „Водата, човекот, државата“ за чија цел е објавен и фото конкурс.

Заинтересираните млади за овие дијалози може да се информираат за деталите на Глобал Шејперс Скопје Хаб и да го пријават своето учество. Во текот на април ќе се организаираат уште три отворени дијалози на теми: Инклузивни работни места: „Еднакви можности за сите“, Јаглеродна неутралност „Нула загадување“ и Дигитална писменост „Како успешно да се преселиме во виртуелниот свет?“.

Со целосно волонтерско организирање на овие отворени дијалози, Глобал Шејперс Скопје Хаб цели да го слушне гласот на младите од нашето општество за овие теми и соодветно да го преточи во заедничкиот светски извештај на кој ќе се засноваат голем број акции и одлуки во 2022 година, а и во понатамошната иднина. Младите покажуваат дека заеднички и секојдневно работат кон остварување на подобар животен стандард за овие, но и за идните генерации.