Иако Xiaomi Mi 11 серијата веќе дебитираше кон крајот на минатата и почетокот на оваа година на различни пазари, Xiaomi сè уште не заврши со објава на моделите од Mi 10 серијата. Најновиот додаток на минатогодишната линија е моделот Xiaomi Mi 10S, кој е официјализиран во Кина.
Xiaomi Mi 10S има 6,67-инчен FHD+ AMOLED дисплеј со брзина на освежување од 90Hz. Панелот е HDR10+ сертифициран и има Gorilla Glass 5 заштита. Во екранот се наоѓа punch-hole отвор за 20MP селфи камера, како и сензор за отпечатоци под дисплејот.
Звукот е голем фокус на Mi 10S моделот, благодарение на системот со два Harman Kardon звучника. Според DxOMark, ова е најдобриот систем за звучници што сајтот досега го тестирал.
На задната страна на Xiaomi Mi 10S се наоѓа главниот Samsung 1/1.33″ 108MP сензор, со поддршка за OIS. Тука се и 8MP ултраширок, 2MP макро и 2MP сензор за длабочина.
Mi 10S го покренува Qualcomm Snapdragon 870 чипсет, во комбинација со 8GB и 12GB LPDDR5 RAM меморија, како и 128GB и 256GB UFS 3.0 простор за складирање. Батеријата е со капацитет 4780mAh, со поддршка за 33W полнење преку кабел, 30W безжично и 10W обратно безжично полнење. За софтверот е задолжен MIUI 12 корисничкиот интерфејс, заснован на Android 11.
Xiaomi Mi 10S ќе биде достапен во црна, сина и бела боја. Цената за кинескиот пазар изнесува околу 505 долари за 8/128 GB моделот и околу 585 долари за 12/256 GB варијантата. Глобалната достапност на уредотзасега не е најавена.
Поврзани артикли