Европската Унија ќе воведе дигитални сертификати за вакцинација.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истакна дека на земјите-членки е да одлучат што ќе може да се прави со сертификатите и дека тие ќе се користат на ниво на ЕУ за функционирање на единствениот пазар.
Фон дер Лајан изјави дека ќе бидат потребни најмалку три месеци да се воспостави системoт на сертификати за вакцинација во ЕУ, пренесе „Еуроњуз“.
„Системот ќе поддржува информации за вакцинацијата на една личност, негативен ПЦР-тест или имунитет. Потребна ни е брза имплементација доколку сакаме овие сертификати да бидат функционални пред летото“, заклучи фон дер Лајен.
ЕУ потенцира дека сè уште има многу отворени политички и научни прашања кога станува збор за сертификатите за вакцинација, односно за што ќе се користат или дали вакцинацијата значи прекин на пренесувањето на инфекцијата.
„Имаме охрабрувачки податоци од Израел, каде вакцините „Фајзер“ покажаа дека го запираат пренесувањето на заразата по давање на втората доза“, рече фон дер Лајен.
Лидерите на ЕУ по вчерашниот состанок се согласија засега да ги задржат ограничувањата на несуштинските патувања.
„Ние сме решени да продолжиме да работиме заедно и да ја координираме нашата акција за справување со пандемијата и нејзините последици. Епидемиолошката состојба останува сериозна, а новите варијанти претставуваат дополнителни предизвици. Затоа, мора да ги почитуваме строгите ограничувања додека ги засилуваме напорите за забрзување на обезбедувањето на вакцини“, соопшти Советот.
Примарниот притисок за европски пасоши за вакцини доаѓа од Јужна Европа – земји како Грција, Шпанија, Италија и Португалија, кои се многу зависни од туризмот.
Грција започна да издава сертификати за вакцинација оваа недела на оние кои ги примиле обете дози на вакцината Ковид-19. Овие сертификати се првично за медицинска употреба во рамките на Грција, но министерот за дигитално управување Кирјакос Пјеракакис сугерираше дека поширокото европско усвојување може да создаде „еден вид брза лента внатре на аеродромите“.
„Особено што се однесува до граничните премини, ние сме оптимисти дека овој предлог ќе биде усвоен, затоа што ако не, ќе се соочиме со апсурдната верзија, каде што некој што е вакциниран, сепак треба да се тестира или да се става во карантин“, рече Пјеракакис.
На почетокот на овој месец, Грција склучи договор со Израел што ќе им овозможи на вакцинираните луѓе да патуваат меѓу двете земји без карантин. Исто и Кипар, а Израел исто така разговара со Малта. Во моментов, Израел не дозволува странски државјани да летаат од странство во земјата.
Постојат стравувања дека пасошите за вакцини може да бидат дискриминирачки за оние кои сè уште не биле во можност да добијат вакцина.
„Прво, мора јасно да се реши дека вакцинираните лица повеќе не се заразни“, рече германската канцеларка Ангела Меркел во интервју објавено во четвртокот во дневниот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
„Сè додека бројот на вакцинирани е сè уште многу помал од бројот на оние кои чекаат вакцинација, државата не треба да се однесува поинаку кон двете групи“.