Само една доза од вакцината против коронавирусот на „Фајзер“ и „Бајонтек“ го намалува бројот на асимптоматски случаи на заразата и би можела да го намали ризикот од пренесување на вирусот, покажаа најновите резултати од британско истражување.

Научниците ги анализирале резултатите од илјадници тестови на Ковид-19 спроведени секој ден во рамките на тестирањето на здравствените работници во Кембриџ.

„Нашите резултати покажуваат драматично намалување на стапката на позитивни тестови кај асимптоматските здравствени работници после само една доза на вакцината на Фајзер“, изјави Ник Џонс, експерт за заразни болести при Универзитетската болница во Кембриџ.

Откако ги разделиле резултатите од тестовите на здравствените работници кои биле вакцинирани и тие кои не биле вакцинирани, научниците утврдиле дека 0,8% од тесовите на невакцинираните лица биле позитивни.

Од друга страна, позитивни биле 0,37% од тестовите на медицинските работници помалку од 12 дена по вакцинирањето, кога заштитниот ефект на вакцината се уште не настапил целосно и 0,2% од тестовите на лицата со 12 или повеќе денови по вакцинирањето.

Резултатите сугерираат дека постои четири пати помал ризик од асимптоматска зараза со коронавирусот меѓу здравствените работници кои биле вакцинирани пред повеќе од 12 дена и заштита од 75%. Бројот на асимптоматски зарази исто така се преполовил кај вакцинираните пред помалку од 12 дена.

„Тоа е многу добра вест. Вакцината на Фајзер не само што обезбедува заштита од заразување со коронавирусот, туку и го намалува потенцијалот за пренос на вирусот на други. Но, мораме да бидеме свесни дека вакцината не овозможува целосна заштита за сите“, изјави Мајк Викес, експерт за заразни болести на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Кембриџ.