MateBook X Pro лаптопот на Huawei не импресионира во поглед на врвниот приказ на екранот, разновидноста на функциите, натпросечната брзина и продолжената автономија на батеријата
НИКОЛА БУРАГЕВ
Во тек е дефинитивно нов тренд. Најсилните далекуисточни производители на мобилни уреди ја пополнуваат својата понуда и овој пат настапуваат на делот од пазарот, на кој досега не беа присутни кај нас – лаптоп компјутерите. Првите неколку генерации преносни компјутери беа наменети за азискиот пазар, а откако станаа се подобри и подобри, се проширија и на глобалниот пазар. Знаејќи што се случи со смартфоните и таблет уредите, не се сомневаме дека во тоа ќе успеат, бидејќи кога ќе направиме ретроспектива на првите паметни телефони на Huawei и она што денес им го нудат на купувачите – можеме да се радуваме и ние кои сакаме квалитетни лаптопи.
Иако под притисок на санкциите од американската администрација, Huawei прилично се рашири во различните сфери на IT производи, не фокусирајќи се само на телефоните. Меѓу бројните интересни производи што ги лансира на пазарот, посебно се издвојуваат лаптопите, а особено моделот што го имаме на тест.
Дизајн
Се работи за MateBook X Pro лаптопот, исклучителен во секоја смисла, кој е осмислен да биде водечки модел во категоријата тенки и лесни лаптопи. Со тежина од само 1,33 килограми и дебелина од само 14,6 милиметри, дефинитивно изгледа и делува фантастично, исполнувајќи ги во целост зацртаните цели. Привлечни се и избраните бои, бидејќи Space Grey и Forest Green делуваат како врв на она што денешната естетика може да го пружи кога се во прашање преносните компјутери.
MateBook X Pro во целост е изработен од метал, поточно од легура на алуминиум, а тоа несомнено влијае на чувството на квалитетот на изработка, на што потсетува и метално студеното чувство на допир на површината. Лаптопот е со клинест облик со нешто подебела задна позадина и линија што се спушта и станува потенка во предниот дел – недвосмислено е дека се работи за школкаст изглед на еден ултрабук класик.
Дури и самото отворање е олеснето, благодарениот на посебниот засек од предната страна. Веруваме дека многу потенцијални купувачи ќе останат без здив кога ќе го видат уредот во живо и дека тоа че биде сосема доволно да се определат за купување. Но, постојат и мноштво рационални причини за такво нешто.
Фантастичен екран
MateBook X Pro пристигнува со Ultra FullView екран со однос на страници 3:2. Како прв податок не ја наведовме дијагоналата на дисплејот, ниту резолуцијата. Постои добра причина за тоа – посебно воодушевува форматот на екранот, кој е доста поразличен од стандардните лаптопи со 16:9 екрани. Ваквиот дисплеј многу повеќе ќе им користи на сите кои работат на својот лаптоп, посебно при креирање содржини или работа во сите видови на бизнис софтвер, бидејќи нуди далеку повеќе вертикален простор.
Во поглед на обликот, се работи за класичен ултрабук, со димензии од 30.4 cm во ширина, неполни 22 см во висина и дебелина од 1,46 см, што се габарити на една класична „четиринаесетка“. Меѓутоа, поради поголемата корисна површина на екранот и неговата поинаква форма со однос на страните од 3:2 и 3К резолуцијата од 3000:2000 пиксели, имате чувство дека 13,9-инчниот дисплеј е всушност поголем од стандардните модели со 14-инчни екрани, што е еден вид оптичка мамка.
Друга работа што се забележува се исклучително тенките, речиси незабележителни рамки околу дисплејот, па дури и оние од долната страна. Покрај тоа, екранот е осетлив на допир, а прецизноста на контролата со прсти е на врвно ниво, како да се работи за мобилен телефон. Високиот степен на осветленост (450 нита) значи и многу добра видливост на сонце, односно при надворешен извор на светлина. Huawei дефинитивно на вистински начин го искористи своето знаење од сферата на технологиите кои се применуваат на смартфоните.
Перформанси
Перформансите кои Huawei успеа да ги извлече од ова минијатурно куќиште се навистина импресивни. Тоа не би требало да чуди со оглед на листата на спецификации. MateBook X Pro ја користи проверената Intel ултра-мобилна платформа во најновата 10. генерација Core i7 10510U процесори со 4 физички и 8 логички јадра, чија фреквенција во работата се движи во интервал од 800 до 4288 MHz, а во случај на поединечните турбо забрзани јадра, максимумот го достигнува до 4.9 GHz.
Лаптопот е опремен со 16GB двоканална конфигурирана LPDDR3 системска меморија, за да се истакне штедливата страна на платформата и да се продолжи работната автономија на уредот. Во пракса тоа значи дека перформансите на MateBook X Pro се изненадувачки добри, од најобичниот мултитаскинг, преку гејмингот, до монтажа на видео содржини.
Графичкиот дел го сочинува Intel UHD интегрираното графичко јадро и засебниот GeForce MX250 графички процесор, кој не ја дели системската меморија, туку ги користи посебните 2 GB GDDR5 видео меморија. Кога се работи за складирањето на податоците, компјутерот користи голем 1 TB SSD во побрза, NVMe PCIe верзија. Поделен е на две партиции: 120 GB системска и остатокот од 815 GB за податоци.
Батерија и полнење
Троќелиската батерија од 56 Wh е во состојба да трае цело работно време без некои посебни напори, па дури и подолго. Меѓутоа, подеднакво битно e што MateBook X Pro се испорачува со полнач од 65 W кој се поврзува преку USB-C порт. Од друга страна, за да ги користите стандардните портови морате со себе да носите адаптер, кој еден USB-C го претвора во HDMI или стандарден USB, што со омасовување на USB-C конекциите нема да претставува проблем, но засега така стојат работите. Од конекторите присутен е и стандардниот 3,5 мм аудио приклучок.
Би можеле да помислите дека вака високите перформанси имаат за цена кратка работна автономија, но MateBook X Pro уште еднаш не изненади. Со употреба на балансираниот профил со акцент на малку поштедлива работа, лаптопот воодушевува со 10-часовна автономија на работа при осветленост од 80 проценти на фантастичниот екран. Браво за Huawei. Очигледно дека знаењето од полето на мобилните телефони и тука успешно го применува, бидејќи нема друго објаснување за вака добриот резултат.
Камера, тракпад, конекции
И во случајот на MateBook X Pro моделот, веб-камерата е позиционирана под функциското копче на тастатурата, помеѓу F6 и F7 копчињата. Кога ќе се притисне, камерата се појавува, а кога повторно ќе ја притиснете се враќа во куќиштето. При тоа, звукот и видеото се „отсекуваат“ и нема страв дека некој може да ве гледа или слуша. Исто така, од десната горна страна е поставен и голем сензор за отпечатоци од прсти, што во истовреме е и On/Off копче. Скенерот памети до пет отпечатоци, па MateBook можат да го користат соработници од истиот тим и секој може да има пристап до своите податоци на одвоени партиции, без мешање на податоците.
Тука е и дренажниот отвор, кој во случај на истурање на течност, ќе ги спроведе капките вода под компјутерот. Тенките странични површини покрај делот со тастатурата се перфорирани, поради поубавиот визуелен впечаток.
Друга карактеристика која MateBook X го издвојува од сличните лаптопи е новиот Free Touch, тракпад кој прецизно го чувствува секој допир на целата површина. Реагира одлично и брзо, при што дава повратни информации преку вибрациите.
За комуникација со интернет е задолжен Intel Wi-Fi AC9560 на база на 802.11ac стандардот, кој поддржува 2×2 MIMO комуникација на две бранови должини. Секако, тука е и поддршката за Bluetooth 5.0. Ова решение остварува добри вредности на безжичен трансфер на податоци со поголемиот дел стандардни модели на рутери, но во овој ранг очекувавме и присуство на најновиот и дефинитивно најбрз – WiFi стандард од 6. генерација.
Huawei Share
Не можеме, а да не ја споменеме и посебната функција за корисниците на смартфоните на овој производител во вид на Huawei Share. Користејќи ја NFC технологијата, им овозможува на Huawei и Honor телефоните со EMUI 10 интерфејс, со само еден допир на предвидениот дел над налепницата на самото куќиште на лаптопот, да ги поврзете двата уреда. Веднаш ќе се отвори дел од екранот што ќе ја реплицира содржината на дисплејот од мобилниот телефон, дозволувајќи ви да работите од лаптопот. Можете да снимате содржини од еден на друг уред, да префрлате фајлови од смартфонот на лаптопот со просто повлекување помеѓу екраните и обратно и сето тоа без интернет конекција. Одлично!
И софтверот заслужува пофалби, бидејќи Windows 10 Home во соработка со многу малку Huawei апликации нуди познато, брзо и подвижно опкружување, во кое ја добивате базичната Office апликација бесплатно.
Треба да се споменат и многуте предности при користењето на екранот на допир, а посебно ни се допадна можноста со гестот на повлекување на три прста по вертикала на дисплејот да се креира скриншот, што инаку често го правиме во текот на тестирањето на уредите.
Заклучок
Освен необичниот агол на снимање на камерата од долу нагоре и да сакаме не би можеле да му пронајдеме посериозен недостаток на MateBook X Pro. Од сето видено, можеме да заклучиме дека MateBook X Pro воодушевува во реалната работа. Ако имавме и некои резерви и сомнежи поради поединчените детали во конфигурацијата на лаптопот, целосно не разувери и импресионира со својата конкретна работа, пред се во поглед на врвниот приказ на екранот, разновидноста на функциите, натпросечната брзина и продолжената автономија на батеријата. Овој извонреден лаптоп може да се најде во продажните места на Нептун, Сетек, Анхоч и Техномаркет по продажна цена од 99.999 денари.
ПРЕДНОСТИ
- Одличен дизајн и квалитет на изработка
- Фантастичен екран осетлив на допир
- Брза и флуидна работа
- Четири звучници и четири микрофони
- Удобна, осветлена тастатура и простран, прецизен тракпад
- Одлична основна конфигурација и перформанси
- Основен простор за складирање од 1 терабајти
- Издржлива батерија
- Поддржува NFC
- Huawei Share и MultiScreen Collaboration
- Брзо полнaч (65W) што може да се користи и на смартфоните
НЕДОСТАТОЦИ
- Положбата на камерата е необична (сместена под копче на тастатурата)
Huawei MateBook X Pro спецификации:
- Екран: 13,9-инчи IPS LCD, 3000:2000 пиксели (260 ppi), формат 3:2
- Оперативен систем: Windows 10 Home Edition
- Процесор: Intel Core i7 1,8 GHz, 4 јадра
- Графика: Intel UHD Graphics + Nvidia GeForce MX250
- RAM меморија: 16 GB DDR4
- Простор за складирање: 1 ТB PCIe NVME SSD
- Полнење: 65 W Type-C брзо полнење, 56 Wh батерија
- Приклучоци: 3.5 mm, USB Type-C x 2, HDMI x 1, USB 3.0 (Type A) x 1
- Сензори: Hall сензор, сензор за гравитација, сензор за отпечатоци
- Камера: Вградена камера 1 MP (720P HD)
- Аудио: Четири звучника со моќност 2W, четири микрофона
- Поврзување: Wi-Fi: IEEE 802.11a/b/g/n/ac, 2.4 GHz и 5 GHz, 2 x 2 MIMO, Bluetooth 5.0
- Димензии: 304 x 217 x 14,6 милиметри
- Тежина: 1,33 килограми
- Цена: 99.999 денари
Поврзани артикли