Руската државна лабораторија Вектор објави дека почнува со истражување на праисториски вируси преку анализа на остатоци од животни пронајдени во замрзната состојба.
Лабораторијата, со седиште во Сибир, соопшти дека целта на проектот е идентификација и спроведување напредни истражувања на еволуцијата на вирусите.
Истражувањето е во соработка со Универзитетот во Јакутск и започна со анализа на ткиво извадено од праисториски коњ, за кој се верува дека е стар најмалку 4.500 години.
Остатоците се откриени во 2009 година во Сибир, во регион каде редовно се откриваат остатоци од палеолитски животни. Научниците изјавија дека ќе истражуваат остатоци од мамут, куче, зајаци и други праисториски животни. Нагласија дека за прв пат се изведува студија на палеовируси.
Инаку, Вектор ја разви вакцината EpiVacCorona против коронавирусот, која во октомври доби дозвола во Русија, а чие масовно производство треба да започне кон крајот на месецов.
Извор: Klix.ba