Луѓето обично не го препознаваат стресот навреме. Затоа продолжуваме по старо, сè додека не се „распаднеме“. Но, што ако има начин да можеме да го измериме и следиме нивото на стрес, за да се осигураме дека никогаш нема да излезе од контрола.

Инженерите на Сојузниот технолошки институт во Лозана (EPFL) развија мал, пренослив сензор кој континуирано ја мери концентрацијата на кортизол, главниот биомаркер за стрес, во човечката пот.

„Кортизолот може да се лачи импулсивно, да се чувствувате добро и одеднаш да се случи нешто што предизвикува стрес кај вас и вашето тело да започне да произведува повеќе хормони“, објаснува Адријан Јонеску од Nanolab.

Кај луѓето кои страдаат од болести поврзани со стрес, ритамот на лачење на кортизол е целосно нарушен. Премногу високо или прениско ниво на кортизол може да предизвика сериозни последици по здравјето на поединецот.

Тимот на Јонеску се фокусираше на мерење на кортизол во потта и направи паметна лепенка со минијатурен сензор.

Лепенката содржи транзистор и високочувствителна електрода направена од графен, која ја мери концентрацијата на кортизол во потта на корисникот. Уредот е револуционерен, бидејќи засега нема друг метод за континуирано следење на концентрацијата на кортизол за време на циркадијалниот циклус (биолошки ритам кој ги контролира хормоните).

„Бидејќи е пренослив, научниците можат да соберат квантитативни, објективни податоци за одредени болести поврзани со стресот. Тие исто така можат да го направат тоа на неинвазивен и прецизен начин“, вели Јонеску.

Уредот досега е тестиран на платформата Lab-on-Skin. Следниот чекор ќе биде болнички преглед. Во универзитетската болница во Лозана, лепенката ќе ја носат здрави луѓе, но исто така и оние кои страдаат од Кушингов синдром (премногу кортизол) и Адисонова болест (премалку кортизол).

Се нагласува ефикасност на таквата лепенка затоа што резултатите ќе бидат испратени до лекарите речиси веднаш, што значи дека здравствената состојба на пациентот секогаш може да се следи во реално време.

Којзнае – ако експериментот успее, можеби таквите чипови ќе бидат вградени во паметните часовници или нараквици во иднина.

Извор: B92.net