Hyundai и Kia објавија дека ги прекинале разговорите со Apple за составување на автономен автомобил
Како резултат, акциите на Hyundai забележаа пад за 6,2 проценти, додека акциите на Kia за дури 15%. Така, за еден ден беа избришани неверојатни 8,5 милијарди долари пазарна капитализација на двата корејски гиганти.
Ова сценарио не е изненадување. Од пред неколку дена е познато дека во рамките на Hyundai има сериозни резерви по темата за можен договор со Apple. Оваа компанија и претходно не сакаше да соработува со други, кои не се дел од холдингот, а како аргумент за тоа се наведува сегашното високо ниво на вертикална интеграција во концернот. Толку е голем што Hyundai дури поседува фабрики за производство на челик кој се користи за склопување на возилата.
Reuters во декември објави дека Apple напредува со технологијата за автономни автомобили и планира да произведе патничко возило кое би можело да вклучи своја сопствена технологија за батерии уште во 2024 година.
Apple, за кој е познато дека ги чува во тајност плановите на производи, никогаш не ги призна разговорите со производителот на автомобили за производство на возила и не беше достапен за коментар.