Влијанието на пандемијата на Ковид-19 на лечењето на рак е „катастрофално“, објавила Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, која рекла дека дошло до прекин во онколошките услуги во третина од земјите на европската зона.

„Влијанието на пандемијата на карциномот во регионот не може да се нарече со помеко име од катастрофа”, рекол директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге, на Светскиот ден за борба против ракот.

Меѓу 53-те земји кои ги опфаќа СЗО за Европа, во кои припаѓаат и неколку земји од централна Азија, една од три земји делумно или во целост ги прекинала услугите за онколошките пациенти поради мобилизација против пандемијата на коронавирусот или рестрикциите во патувањето.

„Во некои земји дошло и до недостиг на лекови за рак, а многу имаат значително намалување на новодијагностицирани случаи на карцином, дури и во најбогатите земји”, рекол Клуге во соопштението, нагласувајќи дека дошло до дополнително влошување на нееднаквоста поради економската криза.

Во Холандија и Белгија, за време на првото затворање во пролетта 2020-та година, бројот на нови случаи на карцином паднал за 30 до 40 проценти, а во Киргистан за 90 проценти во април минатата година, рекол службеникот.

Според предвидувањата на СЗО, во Велика Британија доцнењата во дијагостиката и лечењето би можеле да ја зголемат смртноста од рак на дебелото црево за 15 проценти и од рак на дојката за 9 проценти во следните пет години.