Компанијата Neuralink вгради чип во мајмун за животното да може да „игра видео игри со својот ум“, изјави основачот Елон Маск.

Тој во текот на конференцијата на приватната социјална мрежа Clubhouse објасни дека компанијата моментално ја тестира технологијата на „мајмун со безжичен имплант во главата“.

„Не можете да забележите каде е вметнат имплантот. Тој е еден среќен мајмун“, изјавил Маск, додавајќи дека повеќе детали за ваквиот тест ќе се знаат во наредните неколку месеци, пренесува Sky News.

„Една од работите кои се обидуваме да ги откриеме е дали можеме да направиме мајмуните меѓусебно да играат пинг понг со своите умови. Тоа би било кул“, изјавил Маск.

Како што додал, минијатурниот имплант кој го развила компанијата содржи повеќе од 3000 електроди, прицврстени за флексибилни нишки со големина од околу 1/10 од влакно. Крајната цел е создавање на директна врска помеѓу мозокот и компјутерот.

Главниот невролог на Neuralink, Метју Мекдугал вели дека првите испитувања ќе се фокусираат на пациенти со парализа или параплегија, но не открил кога истите ќе почнат.

Од компанијата се надеваат дека оваа технологија ќе придонесе за пронаоѓање на лек за невролошките состојби како Алцхајмерова болест и деменција, но и кај повреди на ‘рбетниот мозок.

За потсетување, ова не е првпат Neuralink да вгради чип во некое животно – тоа беше случај и минатата година кога компанијата чипираше свиња.

Извор: B92.net