Досега само се теоретизираше за позитивниот ефект на омега-3 масните киселини кај пациентите со Ковид-19, но научниците прв пат во пилот студија ги открија и првите докази за тоа.

Постојат неколку текстови во медицинската литература кои теоретизираат дека омега-3 масните киселини би требало да имаат позитивен ефект кај пациентите со Ковид-19, но досега немаше официјално објавена научна студија која би ги поткрепила овие теории.

Во споменатата студија учествувале 100 пациенти кои биле примени во болница со Ковид-19 и чии примероци на крв биле зачувани. На овие пациенти им биле направени клинички прогнози и крвта им е анализирана за омега-3 индекс (O3I). Четиринаесет од наведените 100 пациенти починале од Ковид-19.

Вкупниот број пациенти е поделен во четири групи според нивото на нивното O3I. Кај четвртина од пациентите со највисок (O3I (повеќе од 5,7 проценти), само еден пациент починал од Ковид-19, додека кај останатите 13 починати пациенти во останатите три групи, имало O3I во крвта понизок од 5,7 одсто.

Во регресивната анализа прилагодена според возраста и полот, студијата покажа дека пациентите кои припаѓаат на четвртина со највисок O3I имаат дури 75 проценти помал ризик од смрт од Ковид-19, односно околу четири пати помали шанси да починат од оваа болест отколку пациенти со понизок O3I.

„Додека не го исполнивме стандардот на статистички битниот праг, оваа пилот студија, заедно со целата низа докази поврзани со антиинфламаторните ефекти на EPA и DHA, силно сугерира дека овие нутритивно достапни масни киселини помагаат да се намали ризикот од тешки облици на Ковид-19 кај пациентите.  Јасно е дека се потребни поголеми студии за да се потврдат овие откритија“, посочува Араш Ашер, водач на студијата.

Експертот за омега-3, Џејмс Х. O’Киф од институтот за срце Saint Luke’s Mid America во Канзас Сити, кој исто така учествуваше во студијата, ги поврза предностите од повисоките нивоа на омега-3 масни киселини во крвта до сопирање на таканаречената цитокинска бура, која е одговорна за тешките облици на Ковид-19 болеста.

„Омега-3 масните киселини (DHA и EPA) имаат моќна антиинфламаторна активност и оваа пилот студија дава сугестивни докази дека овие масни киселини можат да ја пригушат цитокинската бура предизвикана од болеста Ковид-19“, вели тој.

Целта на овој тим научници е да собере повеќе средства и да го прошири истражувањето спроведени во пилот студијата.

Студијата е објавена на 20 јануари во научното списание Prostaglandins, Leukotrienes and Essential Fatty Acids.