Примерокот од тлото на месечината е позајмен од NASA и е изложен во овалната соба на Белата куќа, а има задача да ги потсети Американците на амбициите и достигнувањата на претходните генерации.
Минатата недела САД добија нов претседател, Џое Бајден. Во неговата претседателска кампања, како и во првите потези од неговиот мандат, тој најави дека (за разлика од претходникот) ќе биде повеќе приврзан за науката и ќе ги слуша експертите, а во јавноста ќе изнесува само проверени факти. Бајден поголема посветеност кон науката и технологијата покажа и со необичен гест. Во овалната соба на Белата куќа, односно на неговото работно место, постави – парче од Месечината.
Примерокот на тлото од Месечината, со ознака 76015,143 е позајмен од NASA, поточно од нивната лабораторија, во која се чуваат примероци од Месечината во Johnson Space Center во Хјустон. Парчето од месечевата карпа е сместено во посебно проѕирно куќиште, на кое се испишани и деталите за него.
Камен од Месечината во овалната соба
Улогата на ова парче Земјин природен сателит е „да ја потсети јавноста на амбициите и постигнувањата на претходните генерации Американци и да даде поддршка на сегашниот пристап на истражување на Месечината и Марс“, соопштија од администрацијата на Бајден и NASA.
Лунарниот примерок 76015,143 беше собран во последната човечка мисија на Месечината, Apollo 17, која ја сочинуваа астронаутите Роналд Еванс, Харисон Шмит и Јуџин Чернан. Последниот е заслужен за откинување баш на ова парче на Месечевата карпа во долината Taurus-Littrow, околу три километри од местото на слетување на лунарниот модул Apollо 17.
Месечевиот камен кој денес стои во Овалната соба беше собран во декември 1972. година – истиот месец што го одбележа животот на Џое Бајден. Токму тогаш, денешниот американски претседател во сообраќајна несреќа ги загуби својата прва сопруга и едногодишната ќерка.
Примерокот има маса од 332 грама, стар е 3,9 милијарди години, а настанал во еден од последните големи удари на астероид врз Месечината, на неговата страна свртена кон Земјата. Неправилната површина на ова парче карпа ги открива и бројните удари на микрометеориди, кои го „пескареле“ во текот на милиони години. Од едната страна, примерокот е рамен, на местото каде што астронаутот Чернан го отсече од поголема карпа.