Американската компанија Google се закани дека ќе им ја одземе можноста на Австралијците да го користат неговиот пребарувач, доколку Канбера не го измени својот предлог-закон, што има за цел да го обврзе интернет гигантот да им плаќа на медиумите за нивната содржина.
„Доколку овој закон биде изгласан, нема да имаме друг рационален избор освен да го запреме пребарувачот на Google во Австралија“, рече регионалниот директор Мел Силва на сослушувањето во Сенатот во Канбера.
Законот ќе ги принуди технолошките компании како Facebook и Google да им плаќаат на медиумите за нивната содржина или во спротивно – да плаќаат казни од 10 милиони австралиски долари (7,7 милиони американски долари).
„Кога ја објавувате цената за поставување линкови до одредени информации, го расипувате начинот на работа на пребарувачите и веќе немате отворена и бесплатна мрежа“, нагласи Силва.
Компанијата сака да им плаќа на издавачите преку својата платформа за вести наместо линкови. Речиси 200 изданија потпишаа договори со Google да станат дел од таа платформа.