Речиси една петтина од компаниите, според податоците од Велика Британија, вршат надзор или имаат намера да ги надгледуваат своите вработени кои работат од дома.
Работата од дома на многумина им донесе повеќе слободно време, бидејќи повеќе нема потреба да се подготвувате и да се возите до работа, дали во вашиот сопствен автомобил или во јавниот превоз, брзајќи кон канцеларијата. За некои, работата од дома донесе и опуштање, па за време на (домашното) работното време прават ручек, извршуваат приватни работи и поминуваат повеќе време сурфајќи на интернет и пребарувајќи што има ново на социјалните мрежи.
Но, додека ја редат чистата облека во плакарот, времето го губат на нови серии на Netflix или прегледуваат кој што објавил на Facebook, не се ни свесни дека сето тоа би можел да го гледа нивниот шеф. Уште од почетокот на пандемијата, односно откако луѓето ги заменија канцелариите со своите работни/спални/дневни соби, експертите повеќе пати предупредуваа на потенцијално шпионирање на вработените. Шефовите кои се плашат дека вработените ќе го поминат работното време на своите приватни работи, односно шефовите кои сакаат целосна контрола, сè повеќе ја користат технологија за да ги држат вработените на видик – понекогаш дури и буквално, со шпионирање преку веб-камерите на компјутерите.
Под маската на коронавирусот, некои компании ги шпионираат своите вработени за да ги казнат, па дури и да ги отпуштат, предупредуваат од британскиот сојуз на синдикати. Една од пет компании, според нивните информации, веќе инсталирала или има намера да инсталира софтвер, што може да следи колку време им треба на вработените за да ги прочитаат и да одговараат на пораките, можат да го следат нивното учество на состаноците, па дури и да ги снимаат преку веб-камера.
Генералниот секретар на сојузот на синдикати, Франсис О`Грејди предупреди дека работниците не смеат да бидат надгледувани без нивно знаење (што не е ретко), а според нивните податоци, еден од седум работници смета дека количината на надзор на компаниите е зголемена од почетокот на пандемијата. Таа посочи и на уште една работа, а тоа е користењето на алатки засновани на алгоритми кои донесуваат одлуки кој да се вработи, а кого да отпуштат. Вработените мора да бидат „заштитени од нечесното донесување на одлуки на алгоритмите“, нагласи О`Грејди во интервју за британските медиуми.
„Еднаш кога оваа криза ќе заврши, а се надеваме дека првите големи чекори во таа насока почнаа со вакцинирањето, технологијата треба да се искористи за подобрување на условите за работа, а не технологијата да се користи за „уништување на достоинството на вработените“, заклучи О`Грејди.