Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, најави воведување нова ознака на епидемиолошката карта на Европа, темноцрвена зона, од која пред да заминат патниците, ќе треба да се тестираат, а по доаѓањето на определена дестинација, ќе мора да заминат во карантин.
„Темноцрвената боја ќе означува области каде што циркулацијата на вирусот е на исклучително високо ниво“, рече таа по самитот на лидерите на ЕУ, кој беше посветен на координирање на мерките за борба против пандемијата на коронавирусот.
Обележувањето на епидемиолошките зони не зависи од националните граници. Фон дер Лаен го наведува како пример случајот ако во една земја членка во пограничната област се затворат границите, а во соседната област останат отворени иако е иста епидемиолошка состојба. „Во тој случај сите од првата земја ќе одат на пазарување во втората и со тоа ќе придонесат за ширење на вирусот“, вели таа.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, рече дека лидерите на земјите членки се согласуваат дека е потребно да се разгледаат можностите за ограничување на патувањата што не се неопходни.
„Убедени сме дека кога станува збор за патувања што не се неопходни, треба да се земат предвид ограничувањата“, рече Мишел додавајќи дека границите мора да останат отворени за нормално функционирање на единствениот пазар.
И Мишел и Фон дер Лаен укажуваат на опасноста од мутација на вирусот, нови видови што се многу заразни. Затоа постои договор за зголемување на секвенционирањето на геномот на Ковид-19 со цел навремено откривање мутации на вирусот. Лидерите разговараа и за сертификатите за вакцинација. Мишел рече дека има договор за стандардизирани сертификати за медицински цели, но дека е рано да се зборува за нивната втора намена.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис предложи овие сертификати да служат како пасоши за заживување на туризмот. Мишел посочува дека е рано за тоа сè додека не се вакцинира доволно голем број луѓе бидејќи во спротивно би имало дискриминација на лица што немале ниту можност да се вакцинираат.
Извор: Макфакс