Исланд генетски ги секвенционираше сите потврдени случаи на инфекција со коронавирус уште од почетокот на пандемијата, што е клучно во време на појава на нови видови на коронавирус.

Светската здравствена организација неодамна ги повика сите земји да го забрзаат генетското секвенционирање на вирусот за да се олесни борбата против нови, позаразни видови.

Исландската биофармацевтска компанија deCODE Genetics неуморно го анализирала секој позитивен тест на коронавирус во последните 10 месеци. Целта е едноставна, да се анализираат сите случаи за да не пропуштат ниту еден проблематичен.

„Самото секвенционирање трае релативно кратко време“, објаснува шефот на лабораторијата за генетика, Олафур Тор Магнусон. „Приближно три часа се доволни за да се утврди видот на вирусот.

Целиот процес, од изолација на ДНК до секвенционирање, трае околу еден и пол ден. Исланѓаните досега идентификуваа 463 варијанти на вирусот – кои научниците ги нарекуваат хаплотипови.

„Секвенционирањето на примероците е клучно за нас во следењето на пандемијата на островот“, рече министерката за здравство Свандис Сваварсдотир.

Властите ги користат информациите за да утврдат прецизни мерки за борба против ширењето на вирусот, додаде таа.

Така, на Исланд знаат дека немаат јужноафрикански вид на коронавирус и дека имале 41 случај на инфекција со британскиот вид.