Резултатите од новата студија пристигнаа, со што конечно е откриено колку долго трае имунитетот по инфекцијата со Ковид-19. Студија објавена во списанието „Сајанс“ откри дека имунитетот на човечкото тело кон коронавирусот обично трае најмалку осум месеци по инфекцијата и потенцијално може да трае значително подолго, пишува „Вашингтон пост“. Студијата открива дека околу 90 проценти од пациентите кои учествувале во студијата поседувале долготраен и стабилен имунитет.
И покрај тоа што повеќе од една година го проучуваа научниците ширум светот, коронавирусот сè уште е обвиткан во превез на тајност и несигурност. Едно од најважните прашања што сè уште не добило дефинитивен одговор е – дали луѓето можат да се заразат со коронавирус повторно и колку брзо. Има случаи кога луѓе велат дека се заразиле со коронавирус по втор пат, но сите индикации се дека овие се ретки случаи. Според најновата научна студија, луѓето развиваат подолготрајна отпорност на вирусот по инфекцијата во повеќето случаи.
Анализата на примероци од крв од скоро 200 пациенти покажала дека повеќе елементи на имунолошкиот систем, не само антителата, продолжуваат ефикасно да го препознаваат вирусот и да реагираат на инфекцијата. Човечкото тело се чини дека се сеќава на напаѓачот и е во состојба да реагира на секоја средба со него во координирано дејство на антитела и Т-клетки.
Студијата објавена во „Сајанс“ доаѓа откако новата заразна варијанта на коронавирусот, која за прв пат беше забележана во Велика Британија, започна да се шири низ целиот свет. Научната заедница, сепак, верува дека овој нов вид нема да победи во судир со човечкиот имунолошки систем. Вработените во Центрите за контрола и превенција на болести во САД разгледуваат нова варијанта и работат на секвенционирање на неговиот геном за да им овозможат на научниците темелно да го проучат.
Авторите на студијата објавена во „Сајанс“ сметаат дека резултатите од нивното истражување можат да се применат на британскиот вид, на и на Ковид-19. Причината за оптимизмот лежи во фактот дека имунолошкиот систем напаѓа различни делови на вирусот, а мутациите успеале да променат само неколку делови.
Научниците се согласуваат дека вирусот може да го совлада природниот имунитет, или оној стекнат со вакцинирање, само доколку доживее голем број истовремени мутации. „Имунолошкиот систем има на располагање многу оружје. Ако се појави мутација што ќе неутрализира едно или две од нив, секогаш има други што можат да ја неутрализираат“, рече коавторот на студијата и научник од Институтот за имунологија во Ла Јола, Даниела Вајскопф.
Имунитетот кон вирусот се гради постепено, достигнува врв, а потоа почнува да опаѓа, но може да остане на одредено ниво подолго време. Вајскопф вели дека луѓето кои се заразиле со коронавирус и го совладале Ковид-19, исто така, имале стабилен имунитет на вирусот осум месеци по закрепнувањето. „Имунитетот не се намали понатаму. Врз основа на тоа, можно е имунитетот да трае уште многу месеци, па дури и со години“, додаде таа.
Во овој момент, невозможно е да се каже колку трае вкупно имунитетот. Невозможно е да се каже бидејќи вирусот речиси една година циркулира меѓу човечката популација, па затоа е невозможно да се добијат подолгорочни податоци. Најстарите примероци проучени во оваа студија се земени пред девет месеци.
Стенли Перлман, вирусолог од Универзитетот во Ајова, кој не бил вклучен во студијата, рече дека податоците од тоа се добредојдени, бидејќи оваа пролет се шушкаше дека имунитетот кон коронавирусот не трае особено долго. „Ова е поубедливо, добро изработено и ја поддржува тезата дека имунитетот ќе трае подолго“, рече тој. Перлман додаде дека е можно имуна личност да се зарази со вирусот, но не и да добие Ковид-19. „Луѓето ќе се заразат, но нема да влијае на нив“, додаде тој.
Студијата исто така открила дека десет проценти од луѓето губат имунитет на вирусот. Овој феномен сè уште не е објаснет, но човечкиот имунолошки систем е сложен механизам, а одговорот на имунитетот на инфекцијата варира од личност до личност. „Имунитетот што го добивате по природна инфекција значително се разликува“, рече коавторот на студијата Алесандро Сете, исто така од Институтот Ла Јола. „Ако имав Ковид-19, јас не би ги фрлал маските, не би одел на забави. Луѓето сè уште треба да постапуваат одговорно. Тоа е како да возите автомобил каде сопирачките работат 90 отсто од случаите“.