Една од најдобрите функции на PlayStation 5 и Xbox Series X конзолите е тоа што пристигнуваат со HDMI 2.1 поддршка, што им овозможува да прикажуваат игри во 4K и 120 fps на компатибилен ТВ или монитор. Иако овој порт е релативно лесно да се најде на премиум телевизорите, опцијата засега е доста ретка кај гејминг мониторите. Тука стапува на сцена новиот модел Acer Nitro XV282K KV.
Acer Nitro XV282K KV има 28-инчен дисплеј, со резолуција од 3840 x 2160p. IPS панелот има стапка на освежување од 144Hz, 90% покриеност со DCI-P3 опсегот на бои, а тука е и споменатиот HDMI 2.1 порт. Присутен е и контраст од 100,000,000:1, со поддршка за AMD FreeSync Premium и 1ms одговор. Цената на мониторот изнесува 900 долари.
Компанијата не ги заборави ни оние кои исклучиво го користат компјутерот за гејминг. Acer претстави два нови модела од својата Predator линија. Тука е Predator XB323QK NV, по цена од 1.200 долари. Мониторот има дисплеј од 31,5 инчи со резолуција 3840 x 2160p, стапка на освежување од 144Hz и G-Sync компатибилност.
Линијата е заокружена со 27-инчниот XB273U NX модел со цена од 1100 долари. Мониторот има 2560 x 1440p IPS панел со брзина на освежување од 275Hz и 0,5ms GtG одзив. Присутен е и еден од модулите на Nvidia, Reflex Latency Analyzer, кој го мери вкупниот влезен лаг на системот. XB323QK NV и XB273U NX имаат Acer Vision Care 4.0 пакет за прилагодување на осветленоста, температурата на боите и другите параметри.