На интернет се појави видео што го прикажува Apple Watch прототип, што компанијата им го испраќала на програмерите за развој на апликации. Интересно е што уредот воопшто не изгледа како паметен часовник, а причината е што Apple сакал да им овозможи на програмерите да се запознаат со можностите, но самиот уред сè уште да остане во тајност до неговото официјално објавување. Видеото го прикажува уредот наречен Apple Demo, а на него се наоѓа pre-WatchOS 1.0 OS, заедно со интерните развојни апликации на Apple.
Прототипот им бил испорачуван на програмерите во кутии, на кои пишувало дека станува збор за производ што е класифициран како доверлив и дека е дел од Ultra програмата за заштита на Apple. Исто така, наведено е дека прототипот мора да биде вратен, кога Apple тоа ќе го побара.
Уредот е спакуван во кутија, што воопшто не потсетува на Apple Watch. Кога ќе се вклучи, на екранот се гледаат Watch апликациите, вклучувајќо го и интерниот софтвер за тестирање на Apple. Една од овие програми е Lisa tester (со иконата на Лиза Симпсон) што им овозможува на програмерите да ги прилагодуваат UI елементите на уредот.
Не постојат докази дека ова е оригиналниот прототип на Apple Watch, но количината детали и информации испишани на кутијата за испорака укажуваат на тоа. Ако ова е вистинскиот прототип, тогаш во прашање е ретка можност да ѕирнеме зад кулисите на компанијата, која вложува многу напор своите развојни процеси да ги сочува од несаканите погледи.