НАТО денеска соопшти дека ги проверува своите компјутерски системи по големиот кибер напад врз американските владини агенции, за кој Вашингтон ја обвини Москва.
– Во овој момент не се пронајдени докази за компромитирање на ниту една мрежа на НАТО. Нашите експерти продолжуваат да ја проценуваат ситуацијата со цел идентификување и ублажување на сите потенцијални ризици за нашите мрежи, изјави за АФП официјален претставник на НАТО, пренесуваат западните медиуми.
Мајкрософт во четвртокот соопшти дека антивирусен софтвер открил упади во десетици мрежни системи, повеќето од нив во САД, преку софтвер обезбеден од американската технолошка компанија „СоларВиндс“. Портпарол на НАТО рече дека Алијансата, со седиште во Белгија, користи софтвер SolarWinds во некои свои системи.
– НАТО, исто така, има во состојба на готовност тимови за брз кибер-одговор, подготвени да им помогнат на сојузниците 24 часа на ден, а нашиот Центар за кибер простор е оперативен, рече официјалниот претставник, кој не е именуван во согласност со политиката на НАТО.
Претседателот на „Мајкрософт“, Бред Смит, во четвртокот во блог соопшти дека хакерството е најзагрижувачко од неколкуте „напади на националните држави“ забележани оваа година. Тој додаде дека надвор од САД, засегнати се мрежите во седум други земји – во Белгија, Велика Британија, Канада, Израел, Мексико, Шпанија и Обединетите Арапски Емирати – и оти „со сигурност бројот и локацијата на жртвите ќе продолжат да растат“.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео вчера рече дека „може сосема јасно да се каже дека Русите беа вклучени во оваа активност“.
Русија негираше вмешаност.
SolarWinds вели дека до 18.000 клиенти, вклучително и владини агенции и компании од Fortune 500, преземале компромитирани ажурирања на софтвер, дозволувајќи им на хакерите да ја шпионираат размената на е-пошта.