Кинеските власти планираат драстично да ја прошират експерименталната програма за модифицирање на временските прилики, така што ќе покрие подрачје од 5,5 милиони квадратни километри.
Според соопштението на Државниот совет, Кина до 2025 година ќе развие систем за модифицирање на времето, благодарение на високиот технолошки и научен напредок, како и унапредувања направени во сеопфатниот систем за превенција и безбедносни ризици.
Во следните пет годни, вкупната површина на која ќе може вештачки да се предизвика дожд или снег ќе покрива површина од 5,5 милиони километри квадратни, додека на 580.000 квадратни километри, овој нов систем ќе може да спречи појава на град.
Програмата ќе помогне и во намалување на штетите од временските неприлики, преку зголемување на земјоделското производство и брзите реакции при појавата на пожари, како и намалување на последиците од суши.
Кина веќе подолго време се обидува да владее со временските прилики, со цел да ги заштити земјоделските подрачја и да обезбеди ведро небо за одредени манифестации, како што се воените паради, политичките собири или Олимписки игри.
Како концепт, „засејувањето облаци“ е познато веќе со децении. Функционира со уфрлање на мали количини сребро јодид во облаци со голема количина на влага, која потоа кондензира околу новите честички, и станувајќи потешка, започнува да паѓа на земјата во облик на дожд или снег.
Научните студии покажале дека „засејувањето облаци“ може да ги зголеми количините на дожд и снег на големо подрачје, доколку условите се поволни.
Во технологијата на модифицирање на временските прилики, Кина од 2012 до 2017 година вложила 1,34 милијарди долари. Еден од резултатите е дека оваа технологија помогнала за намалување на штетите од град во провинцијата Синкјанг за 70%.
Кинескиот ентузијазам за користење на оваа технологија предизвика одредена загриженост во соседна Индија, каде што земјоделството е исклучително зависно од сезоната на монсуни, која сега е многу тешко да се прогнозира поради климатските промени.
Истражувачите на националниот универзитет на Тајван, неодамна во својата студија истакнале дека недостатокот од координација помеѓу државите би можела да доведе до „кражба“ на дождовите.
Извор: RTS
Поврзани артикли