Вакцината против коронавирусот на „Фајзер“ и „БиоНТек“ е безбедна за луѓето кои веќе имале Ковид-19, изјави денеска членот на управниот одбор на „БиоНТек“, д-р Озлем Туречи.
-Вклучивме луѓе кои претходно биле заразени и кои не биле заразени со коронавирусот и не видовме никакви разлики во безбедносниот профил, изјави Туречи пред новинарите за време на брифинг, непосредно откако британската Влада денеска соопшти дека ја одобрила нивната вакцина, јави Си-Ен-Ен.
Луѓето кои имале Ковид-19 веројатно имаат одреден имунитет на коронавирусот, но не е јасно колку трае таа заштита.
„Фајзер“ минатиот месец соопшти дека нејзината вакцина е ефикасна во околу 95 проценти седум дена по давањето на втората доза кај луѓе кои имале Ковид-19 и кај оние кои немале.
Двете фармацевтски компании на 20 ноември аплицираа за итно одобрување и до американската Управа за храна и лекови, ФДА, чиј советодавен одбор ќе одлучува на 10 декември.