Антителата кои се развиле се покажале како добра заштита против алфа варијанта (британски сој) и делта, која во моментот е доминантна и која брзо се шири во светот потиснувајќи ги другите варијанти во многи земји.

Дури 80 отсто од луѓето кои прележале Ковид-19 пред една година и понатаму имаат антитела за корона вирусот, покажа новата шведска студија.

Студијата е направена на 2.000 вработени во болницата „Дандерид“ во Стокхолм, кои биле тестирани на антитела на секое четири месеци, и одговарале на прашања по пат на посебна апликација.

„Можевме да видиме дека повеќето од оние кои имале Ковид-19 изгубиле мирис и вкус, а 10 отсто од оние кои биле заразени биле без почетни симптоми на болеста“ рече за шведската национална телевизија СВТ Себастијан Хаверал,  докторанд од наведената болница и институтот Каролинска.

Антителата кои се развиле се покажале како добра заштита против варијаната на вирусот алфа (британски сој) и против делта, кој во моментот е доминантен.

Но, заштитата против бета варијантата (јужноафрикански сој) и гама (бразилски сој) не била толку силна.

Против нив, заштитата била за 30 до 40 отсто пониска.

Научниците кои ја спровеле студијата во шведската болница „Дандерид“ исто така истражиле и колку дози вакцина се потребни за оние кои веќе биле заразени. Претходно е заклучено дека само една доза од „Фајзер“ е доволна, а шведските научници открија дека истото важи и за „АстраЗенека“.

„Инфекцијата делува како примање прва доза вакцина, а примање втора доза од вакцината служи како засилувач. Се покажа дека учесниците во студијата имале дури и нешто подобра висина на заштита од луѓето кои ги примиле двете дози на „Фајзер“ , заклучува Хаверал.

Шведска досега имаше 1,11 милиони случаи на зараза со корона вирусот и повеќе од 14.600 смртни случаи од последиците од Ковид-19, што е повеќе од остатокот од другите скандинавски земји заедно.