Научниците веруваа дека универзумот, како што се шири, ќе стане постуден со тек на времето. Сепак, се чини дека се излажале. Експертите од Center for Cosmology and AstroParticle Physics (CCAPP) при Универзитетот во Охајо забележаа дека одредени делови од универзумот, всушност, стануваат сè потопли како одминува времето.
Според Universe Today, тие откриле дека универзумот сега е дури 10 пати потопол во просек отколку пред 10 милијарди години, па сегашната температура на космичкиот гас се зголемила за повеќе од 10 пати и изнесува околу 2,2 милиони Целзиусови степени.
„Како што еволуира вселената, гравитацијата ја влече темната материја и гасовите во галаксии и групи галаксии. Ова влечење е толку силно што гасовите во вселена сѐ повеќе се загреваат“, вели Ји-Куан Чианг, еден од научниците вклучени во истражувањето.
За време на проучувањето на феноменот, истражувачите се фокусирале на анализа на термичките податоци на структури од големи размери (т.е. Large Scale Structure, LSS ), што значи множества галаксии, како и материи кои во збир се многу поголеми од секоја одделна галаксија или помали групи галаксии.
LSS ги обликува гравитацијата. Ова значи дека галаксиите не се само „расфрлани“ низ целиот космос, туку сепак следат одредена структура. Помеѓу големите групи галаксии и „космички нишки“, има празен простор, со малку материја. Млечниот Пат е точно во еден таков простор.
Една од најприфатените теории за крајот на универзумот е „Теоријата на Големо замрзнување“, според која, кога ќе достигне одредена големина поради постојаната експанзија, универзумот би се изладил толку многу што едноставно „замрзнува“, приближувајќи се на апсолутната нула.
Сепак, ова откритие фрла малку поинакво светло на хипотезата за „Големото замрзнување“. Дали тоа значи сега дека тоа нема да се случи, туку дека кога ќе дојде тоа време, наместо него ќе има „Големо спалување“? Никој со сигурност сè уште не може да го каже тоа, бидејќи е откриено дека само еден дел од универзумот се загрева.
Покрај оваа теорија, позната е идејата дека универзумот ќе започне повторно да се намалува во одреден момент, и дека тој едноставно ќе исчезне (теориите за Big Crunch и Big Slurp).
Извор: B92.net
Поврзани артикли