Истражување од Универзитетот Оксфорд посочува дека луѓето кои долго време ги играле интернет-видеоигрите Animal Crossing и Plants vs Zombies – се посреќни од останатите, кои не ги играле овие две игри.

Создавачите на овие видео игри дозволиле употреба на анонимни податоци за тоа кој колку време минува играјќи, а раководител на истражувањето е проф. Ендрју Пржибилски од Оксфорд. Биле опфатени 3.274 лица, на возраст над 18 години.

Истражувањата покажале дека ако некој игра Animal Crossing четири часа на ден, веројатно ќе се чувствува многу посреќно од кој било друг човек.

– Сепак, тоа не значи дека Animal Crossing сама по себе ве прави среќни… Претходните 40 години истражување, покажуваат дека колку што луѓето подолго играат други видеоигри, дотолку биле понесреќни. Една од причините зошто овие резултати се разликуваат од претходните, може да е тоа што овие две игри имаат нагласени социјални аспекти, вели Пржибилски.

Професорот рече и дека оние кои се чувствувале принудени да играат, на пр. за да избегаат од стресот, биле помалку задоволни.