Google постојано вложува голем труд за да го направи Chrome OS вистинска замена за Windows и macOS. Се чини дека овие напори конечно почнаа да се исплаќаат. Имено, според извештајот објавен од аналитичката куќа Canalys, Chromebook компјутерите доживеале најголем раст на продажба во Q3 2020 година, од дури 122 проценти во однос на истиот период минатата година. Во тој период, продадени се 9,4 милиони Chromebook уреди. За споредба, продажбата на ултра-тенки лаптопи се зголеми за 57 проценти, на стандардните лаптопи за еден отсто, а на десктоп компјутерите се намалија за 27 проценти.
Меѓу Chromebook компјутерите, најпродавани се моделите на HP (3,2 милиони компјутери), што е за 116% повеќе во однос на претходната година. Најголем процентуален раст доживеаја Lenovo Chromebook уредите (повеќе од 300 проценти), па сега се на второто место по продажба, со 18,9 проценти од пазарот. По нив следат Dell, Acer и Asus. Популарноста на Chromebook уредите се зголеми бидејќи се покажаа како оптимално решение за образовниот сектор – затоа што донесуваат солидни перформанси по умерена цена.
Покрај Chromebook лаптопите, голем раст на продажбата доживеаја таблет уредите. Во однос на минатата година, пазарот порасна за 43 проценти, а продадени се вкупно 44,2 милиони таблети. Во овој сегмент води Apple, со продадени 15,2 милиони iPad уреди и пораст од 47 проценти во однос на истиот период минатата година. На второто место се таблет уредите на Samsung со раст на продажбата од 79,8 проценти и продадени осум милиони уреди, а зад него следуваат Huawei, Amazon и Lenovo. Растот на пазарот на таблет уреди донекаде е изненадување, бидејќи ова е само втор квартал во кој продажбата расте уште од 2015. година.