Волонтерите што примиле вакцина против коронавирусот на „Фајзер“ велат дека им оставила несакани ефекти, кои, според новиот извештај, потсетуваат на тежок мамурлак.

Извештаите за несакани ефекти предизвикани од вакцината, која досега се покажа како безбедна, доаѓаат неколку дена откако „Фајзер“ и нејзиниот германски партнер „Бајонтек“ објавија дека вакцината е 90 % ефикасна во спречување на коронавирусот, а во исто време се очекува производителите да побараат дозвола од САД за итна употреба овој месец.

За време на студијата, повеќе од 43.500 волонтери од шест земји не биле информирани дали примиле вакцина или плацебо, пренесува „Индипендент“.

Сепак, некои волонтери, наводно изјавиле дека се убедени оти ја примиле вакцината поради одредени несакани ефекти што ги чувствувале, како што се главоболка и болки во мускулите.

Според Глен Дашилдс (44) од Остин, Тексас, кој зборуваше со Здружението на новинарите, неговите несакани ефекти биле слични на тежок мамурлак, но брзо исчезнале.

Тестот за антитела кај Дашилдс подоцна откри дека тој развил антитела кон вирусот, што го убедило дека ја примил вистинската вакцина.

Друга волонтерка, жена од Мисури (45), идентификувана како Кери, рече дека имала треска, главоболка и болки во телото по приемот на првата инјекција, што ја споредила со инјекција против грип затоа што дава несакани ефекти слични на него. Симптомите, наводно, биле полоши по втората инјекција.

Д-р Алберт Бурла, претседател и извршен директор на „Фајзер“, во понеделникот рече дека е одличен ден за науката и човештвото. „Првиот сет резултати од нашето испитување за вакцини во третата фаза дава првични докази за способноста на нашата вакцина да спречи Ковид-19“, рече тој.