Најголемата санта мраз на светот е на пат да се судри со зафрлен остров во јужниот дел на Атлантскиот Океан, каде живеат илјадници пингвини и фоки и може да ја загрози нивната способност да дојдат до храна, предупредуваат научниците.

Сантите мраз природно се одделуваат од Антарктикот во океанот, но климатските промени го забрзаа процесот – во овој случај, со потенцијални разорни последици за дивиот свет во британската прекуморска територија Јужна Џорџија.

Сантата позната како А68а се оддели во 2017 година од ледениот брег Ларсен на западниот Антарктички полуостров, кој се загрева побрзо од кој било друг дел на најјужниот континент на Земјата.

Според моменталната брзина на патување, на огромната санта мраз – која е неколку пати поголема од површината на Лондон – ќе ѝ требаат до 30 дена за да се насука во плитките води кај островот. А68а е долга 160 и широка 48 километри на најширокиот дел, а длабока е помалку од 200 метри.

„Шансите за судир се 50:50“, изјави Ендрју Флеминг од Британската арктичка агенција за AFP.

Илјадници кралски пингвини живеат на островот, заедно со пингвини од подвидовите Макарони, Чинстрап и Генту. Има и фоки, како и албатроси, најголемиот вид птици што можат да летаат.

Доколку сантата мраз се заринка кај Јужна Џорџија, можно е да дојде до блокирање на патиштата за хранење, што би ги попречило родителите  пингвини да ги хранат своите младенчиња, а со тоа да го загрозат нивното преживување, објави Science Alert.

„Глобалниот број на пингвини и фоки би се намалил за значителен број“, предупреди Герент Тарлинг, исто така од Британската арктичка агенција.

Сантата мраз исто така би ги уништила организмите и екосистемот на морското дно за чие обновување би биле потребни децении или векови. Јаглеродот складиран од овие организми би бил ослободен во океанот и атмосферата, со што ќе се зголемат количините на испуштен јаглерод предизвикани од човечка активност, велат истражувачите.

„Со стотици години, оваа санта мраз има акумулирано многу хранливи материи и прашина, кои сега почнуваат да се излачуваат во океаните“, рече Тарлинг.

Извори: N1info / Science Alert