Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) наскоро ќе распише меѓународен тендер за избор на компанија која ќе изработи физибилити студија за влијанието на 5Г мрежата врз здравјето на луѓето како основа за натамошните чекори кои ќе се преземат, врзани за развој на 5Г мрежата во земјава.
Од АЕК денеска соопштија дека се очекува за изработка на ова сериозно истражување да се пријават реномирани компании кои имаат искуство во мерењето на нејонизирачкото зрачење кое доаѓа од мобилните мрежи, посебно од најновата 5Г генерација. На овој начин, велат од АЕК, се очекува да се расчистат многу дилеми кои постојат во јавноста околу новата генерација широкопојасни мобилни мрежи.
– Во светот се спроведени стотици научни истражувања на тема за влијанието на 5Г технологијата врз здравјето на луѓето и напишани се илјадници научни статии, што го прави прашањето за штетноста на електромагнетното зрачење една од најистражуваните теми во науката на глобално ниво. Мислењето на релевантни меѓународни експерти и институции е дека доколку се почитуваат препорачаните гранични вредности, електромагнетните полиња што ги користи оваа технологија не претставуваат опасност по здравјето на луѓето. Односно, природата на зрачењето генерирано од базните станици и мрежните терминали на 5Г е идентично со онаа на мрежите од претходната генерација. Сепак и покрај постоење на вакви студии, ние сакаме да обезбедиме сопствена студија која не само што ќе влијае на понатамошните чекори кои ќе ги преземаме, туку веруваме дека ќе има значење при градење сеопфатен консензус за потребата од развој на новата технологија во Северна Македонија, вели Сашо Димитријоски, директор на АЕК.
Петтата генерација мобилни системи вклучува употреба на радио бранови во одредени фреквенции, првично слични или малку повисоки од фреквенциите што се користат за постојните 4Г мобилни мрежи. Овие радио бранови емитуваат нејонизирачко зрачење, што е помалку штетно од јонизирачкото.
Светската здравствена организација (СЗО) на својата официјална веб-страница наведува дека „до денес и по многу истражувања, никакви штетни ефекти врз здравјето не се каузално поврзани со изложеноста на безжични технологии“. Основа за ова е ставот и студиите на Меѓународната комисија за заштита од нејонизирачко зрачење (ИЦНИРП) која е независна, научна комисија, формирана од Меѓународната асоцијација за заштита од радијација, со цел заштита на луѓето и околината од радијација. СЗО ја признава оваа организација како референца за сите прашања поврзани со радиофреквенциите и здравјето на луѓето.
Европската Комисија има донесено акциски план за 5Г според кој до 2020 година барем во еден поголем град во секоја земја членка на ЕУ треба да бидат воведени 5Г комерцијални мрежи, а до 2025 година овие мрежи треба да бидат достапни до сите урбани подрачја и поголеми транспортни линии. Моменталното ниво на имплементација на 5Г мобилните мрежи во Европа е ограничено во неколку земји. Во Германија, Водафон и Дојче Телеком имаат делумно покривање само во неколку поголеми градови, како Берлин, Франкфурт, Хамбург, Минхен и други. Во Ирска, Италија, Романија и Велика Британија ситуацијата е слична.
Во нашата земја, слично како и во останатите европски земји се спроведуваат првични тестирања на мобилните 5Г мрежи. Македонски Телеком и А1, кои поседуваат привремени одобренија за тестирање на 5Г мрежи, веќе ги направија првите тестирања. Притоа, АЕК спроведе и мерења на нејонизирачко зрачење со цел да се види придонесот на новата 5Г НР технологија од тест мрежата на Македонски Телеком.
Во меѓувреме, АЕК подготви и нов план за намена на радиофреквенциските опсези, за кој е во тек јавната расправа која ќе трае до средината на идниот месец. Радиофреквентниот спектар потребен за воведување 5Г мобилни мрежи во Северна Македонија е слободен, а се планира, тогаш кога ќе биде одлучено, предвидените опсези за 5Г мобилни мрежи да бидат издадени на јавен тендер каде што операторите ќе можат сами да учествуваат во определувањето на комерцијалната вредност на радиофреквенциските опсези, преку јавно наддавање. За целата постапка неопходно е да се направат и измени на Законот за електронски комуникации во поглед на усогласување на делот кој се однесува на кибер безбедноста со стандардите утврдени за земјите членки на НАТО.
– Ние секако можеме многу брзо да распишеmе тендер за доделување фреквенции за развој на 5Г, но тоа нема да вреди ако нема кој да се пријави и да се наддава за овој фреквентен опсег. Едноставно, потребно е операторите да бидат мотивирани да инвестираат во 5Г мобилни мрежи, a услов за тоа е да има значително поголема побарувачка за побрз пристап до интернет од страна на корисниците на мобилните електронски комуникациски услуги. Во моментов кај нас не постои доволна искористеност на постојните мрежи (3Г и 4Г) за да е неопходно итно инвестирање во нови технологии за побрз пристап до интернет, a слично е и во многу европски земји, истакнува Димитријоски.
Поврзани артикли