По тестирањето во повеќе земји и неколку држави во САД, Tinder ја пушти во работа новата „face to face“ функција, која подразбира разговори на корисниците од целиот свет „еден на еден“. Услугата ќе им биде од помош на многумина во време на пандемија, со оглед дека потенцијалните партнери нема да мора да се наоѓаат во живо, а ќе може да имаат директна средба во видео сервисот, каква што нуди конкурентот Zoom.
Оваа функција може кај многумина да предизвика непријатно чувство, со оглед на тоа што корисниците на Tinder пред првата интеракција не се познаваат. Поради тоа, компанијата најави дека ќе се потруди приватноста на корисниците, сепак, да биде на прво место. Функцијата поради тоа ќе можат да ја користат само оние што ќе се определат за неа. И покрај тоа, наведуваат од компанијата, во секој момент е можно да се исклучи оваа опција.
Услугата е моментно достапна во САД и Обединетото Кралство, а потоа ќе пристигне во Бразил, Австралија, Италија, Франција, Индонезија и потоа во другите држави.