Футуристичкиот „Биовизир,“ личен заштитен скафандер со прочистувач на воздухот, кој се рекламира како ефикасен во спречувањето на ширењето на коронавирусот, беше првпат претставен во мај годинава. Тој собра 700.000 долари во кампања за „краудфандинг,“ почна да се произведува во август, а пуштен е во продажба во САД оваа недела.
За цена од 379 долари (околу 20.000 денари), корисникот добива комплетно физичко издвојување од околината, а скафандерот, кој го покрива горниот дел од телото, доаѓа со прочистувач на воздух во две насоки, заштитни филтри КН95, батерија што трае осум часа, заштита од замаглување и дизајн како од научнофантастичен филм.
„Кога станува збор за чистиот воздух, не правиме компромиси. „Биовизирот 1.0“ е патентиран визир кој се монтира на рамењата, со интегриран систем на позитивен притисок и двонасочна филтрација на воздухот дизајнирана за да ви помогне да дишете полесно,“ велат производителите на чудната направа.
Судејќи според првичните реакции, „Биовизирот“ веројатно ќе има свои купувачи (меѓу побогатите), но се среќаваат и бројни критики, кои го споредуваат производот со влегување во бункер кога воздухот е загаден.
Поврзани артикли