Samsung во својот следен флексибилен телефон би можел да имплементира некои интересни измени. Пријавата кај WIPO (World Intellectual Property Office) организацијата содржи фотографии кои укажуваат на тоа дека Samsung Galaxy Z Fold 3 би можел да има нов pop-up систем на камери.
Изгледа дека Samsung планира да имплементира издигнувачка камера во своите флексибилни телефони. Компанијата ја поднесе пријавата кај WIPO организацијата во април, а во неа се гледа уред со pop-up механизам во рамките на една од страните на флексибилниот телефон. Ова сугерира дека Galaxy Z Fold 3 би можел да пристигне без Infinity-O селфи камерата. Исто така, ова би можело да значи дека дизајнот е планиран за Galaxy Z Fold, но е отфрлен пред да стане дел од финалниот дизајн.
Втората опција е веројатно попрецизна, со оглед на тоа дека скиците на телефонот изгледаат речиси идентично на Samsung Galaxy Z Fold 2 моделот, со исклучок на недостатокот од punch-hole селфи камерата. Samsung можеби се откажал од овој дизајн, со оглед на тоа дека на и онака веќе скапиот уред, ова би можело дополнително да му ја зголеми цената преку поскапите подвижни делови.
Покрај тоа, веќе се појавуваа гласини за тоа дека Samsung подготвува уред со камера под екранот, што pop-up механизмот би можело да го направи непотребен. Исто така, имавме и информации за промена на технологијата која би овозможила Galaxy Z Fold 3 да се користи со S Pen, а би имал и поиздржлив Ultra-Thin Glass дисплеј.