Една од најинтересните карактеристики на iPhone 12 серијата на Apple е новиот MagSafe екосистем на додатоци и опрема. Сите нови iPhone модели имаат магнетен прстен околу слотот за безжично полнење на задната страна, што може да се прикачи на различни додатоци – од паричниците до безжични падови за полнење.

MagSafe полначот е првиот обид на Apple на полето на безжично полнење за iPhone по фијаското со AirPower. Меѓутоа, сега е откриено дека MagSafe без проблеми работи и на некои телефони што не спаѓаат во Apple екосистемот. Со оглед на тоа што MagSafe полначот работи на Qi интерфејс, било кој уред што ја користи оваа технологија може теоретски да се непојува на овој начин.

Max Weinbach го тестираше Galaxy Z Fold2, кој има сопствен систем магнети и откри дека сосема солидно работи со MagSafe полначот. Тој истакнува дека флексибилниот телефон останува прикачен за новиот MagSafe, иако е можно да се откачи доколку посилно се затресе. Не се објавени брзините на полнење, но се претпоставува дека се работи за 7.5W, бидејќи се истакнува дека само iPhone 12 моделите остваруваат промовирани 15W брзини.

Со MagSafe полначот е тестиран и новиот Google Pixel 5, кој исто така добро функционира. Знаеме дека Google имплементираше пластичен кружен отвор на алуминиумското куќиште на Pixel 5, специјално за безжичното полнење, поради што работи добро и со MagSafe.